Не е реално да се очекува договор до 14 декември, смета Лорер

Даниел Лорер од коалицијата „Промената продолжува“, кој се смета за најсериозен кандидат за министер за надворешни работи во новата влада во Софија, изјави за „БТВ“ радио дека 14 декември не е реален рок за постигнување на целосен договор со Северна Македонија.

Според Лорер, ако биде оставена единствено историјата да ги движи преговорите меѓу Бугарија и Македонија, тоа нема да даде доволно добар резултат и за двете страни. Тој посочи дека ќе бидат отворени и дополнителни дискусии во однос на економскиот напредок меѓу двете земји.

– Почитувањето на правата на македонските Бугари е од првостепено значење, рече тој и посочи дека претстојат преговори врз база на факти, а не на шпекулации доколку тие права биле повредени. А разговорите за историјата ќе се движат напоредно, така што и Софија и Скопје ќе бидат задоволни – додаде Лорер.

Тој оцени дека заедничката историска комисија меѓу Скопје и Софија не предлага напредок и двете страни се чувствуваат незадоволни од тоа што се случува и треба да биде пронајдена нова формула. Нејзина функција, вели тој, треба да биде за да помага, но не да биде и единствена во тој процес.

Лорер додава дека спорот бил длабок и тие дискусии треба да го поминат својот пат и тоа се случува меѓу сите соседни народи на Балканот.

– Патот, не само на Северна Македонија, туку и на Албанија и останатите земји од регионот е кон ЕУ и Бугарија би сакала кога Северна Македонија ќе влезе во тој процес, дека тоа ќе се случува без правата на македонските Бугари да бидат повредени. Но од друга страна, треба да има економска програма, што ќе ја обезбеди економската благосостојба и ние имаме доста конкретни планови, тоа да се случи – рече тој.

На прашањето дали ќе биде предложен за министер за надворешни работи на Бугарија, Лорер ниту демантираше, ниту потврди.