Не е забрането да се користи само Македонија, и јас често го употребувам без да кажам „Република“ или „Северна“

Актуелниот градоначалник на Гостивар кој е дел од коалицијата „Вреди“, Арбен Таравари, вели дека не е забрането да се користи терминот Македонија кога се зборува јавно и дека тој лично често вели само Македонија, без употреба на термините Република или Северна.

Тој ова го кажа во синоќешното издание на емисијата „Клик плус“ на ТВ 21 прашан како коалицијата „Вреди“, од позиција на потенцијален партнер на ВМРО-ДПМНЕ во идната влада, ја коментира постапката на претседателката Гордана Силјановска Давкова, која за време на заклетвата не го употреби уставното име, туку само Македонија.

„Не е забрането кога зборуваме јавно… Често велам Македонија, ниту Република ниту Северна, рече Таравари во интервјуто за „Клик плус“.

Според Таравари, Силјановска-Давкова не го употребила уставното име на државата за време на свечената изјава во Собранието зашто сè уште била под еурофија на изборите.

„Мислам дека тоа не го направи свесно. Тоа го направи подекларативно за да покаже дека има некаква доследност со изборната кампања. Изјавата како претседател е со ‘Северна Македонија’, вчера по инаугурацијата беше исто како ‘Северна Македонија’. Пред да дојдам овде, ме известија дека вчера изјавила дека така користела, но дека во иднина ќе го користи уставното име како Северна Македонија“, додаде Таравари.