Во Основниот кривичен суд Скопје денеска започна судењето за двојното убиство на 14-годишната Вања Ѓорчевска и на велешанецот Панче Жежовски.
Според обвинението, секој од обвинетите имал своја улога со детално однапред планирани дејства.
„Таткото помогнал со информации кога Вања оди на школо. Обвинетите се познавале меѓу себе и сковале план за грабнување со цел да присилат член на семејството да даде откуп. Знаеле дека секој петок Вања оди од прв час на школо, а помалата сестра Миња од втор час. Во петокот не успеале во планот, зашто имало гужва. Во неделата знаеле дека во понеделникот на 27-ми ноември Вања ќе оди сама на прв час, што било исклучок. Ја чекале во сутеренот во влезот и кога Вања излегла од лифтот ја грабнале. Таа била ставена во вреќа во гепекот од ‘цитроенот’ и се упатиле кон Качанички Пат. Палчо ги чекал и се упатиле кон месноста Дупки, кај Бразда каде во 9:30 ја убиле Вања. Ја закопале во претходно ископана дупка, го запалиле ‘цитроенот’ и заминале со ‘рено кангу’“, се вели во обвинението.
Палќо,пак,шокираше со изјавата во која тврди дека тој не го познавал таткото на Вања.
„Александар е наместен од полицијата. Јас овој човек не го познавам, ниту Обвинителството има докази за тоа. Целиот процес е монтиран, се викаа и организираа медиуми да ме сликаат како ме носат во суд. Ова Обвинителство нема ниеден доказ. Не ми се овозможени сите услови за одбрана”, рече Палчо.