
Денеска е 07-ми ноември и учебната година е започната скоро 3 месеци.
Пред повеќе од месец дена имаше состанок со Градоначалникот и нас родителите во училиштето во Хром на кој бевме информирани за тековните активности што локалната самоуправа, Градоначалникот и централната власт ги превземаат со цел решавањето на нашиот проблем.
Се кажаа многу работи и се ветуваше се и сешто.Три месеци подоцна нема ниту абер за решение, ниту истото е на повидок. Актуелната е темата за аерозагадувањето и цела среќа е што поради невообичаено топлото време сезоната на грипови сеуште не е започната. Ве замолуваме да го објавите ова наше отворено писмо до почитуваниот Градоначалник г-дин Наумоски во кое сакаме да му поставиме неколку прашања.
– Господине Наумоски дали се предвидени средства за изградба на училиштето во Хром во ребалансот на буџетот за оваа година, а ако се, дали има и најмали теоретски шанси до крајот на истата да започнете со активности ?
– Зошто со носењето на новиот ДУП во Хром прво се реализира продажба на парцели за изградба на три згради во висина од 25.5, 22.5 и 19.5 метри, а веднаш не се пристапи кон конкретни активности за решавањето на нашиот проблем ?
– Дали е исчистен имотниот лист за парцелата на училиштето како што ветивте дека тоа ќе биде сторено “наредната” недела, од која поминаа скоро четири недели, а ние како родители немаме никаква информација ?
– Согласно Вашето признание, поделбата на училниците беше грешка, зошто тогаш не ја исправите ?
Господине Наумоски ние сме сигурни дека Вие не би го пуштиле Вашето дете да се школува под овие услови. Уште еднаш апелираме до Вас да ги превземете сите можни мерки и активности во насока да ни помогнете да го надминеме овој проблем, како што и впрочем ветивте на состанокот.
Од тој ден досега апсолутно исчезнавте, но би сакале да ве потсетиме дека ние не сме го заборавиле овој проблем, напротив секојдневно живееме со него и доколку не ги превземете сите ветени активности ние ќе бидеме приморани да ја БОЈКОТИРАМЕ наставата до конечно решавање на овој проблем, стои на фејзбук страната Ѓорче Петров.