Нејмар сепак на списокот за квалификации за СП

Бразилскиот фудбалски селектор Фернандо Диниз ги повика ѕвездите Нејмар и Винисиус Жуниор да го предводат нападот на „Селекао“ на воведните натпревари од квалификациите за Светското првенство во Јужна Америка во 2026 година.

Сепак, селекторот не го повика Лукаш Пакета, кој се соочува со истрага во Велика Британија, во селекцијата на Бразил. Петкратниот шампион Бразил, кој лани на Светското првенство беше елиминиран од Хрватска во четвртфиналето, ќе ги започне квалификациите против Боливија на 8-ми септември во Белем, на северот на Бразил, а потоа ќе играат против Перу на 12-ти септември во Лима.

Ова е прва репрезентативен ангажман за 49-годишниот Бразилец Диниз, кој го презеде кормилото од Тите по серијата порази на „Селекао“ во Катар.

Имаше дилеми дали 31-годишниот напаѓач Нејмар ќе одговори на повикот по крајно разочарувачката серија во минатогодишниот мундијал, а неодамна беше преокупиран со трансферот од Пари Сен Жермен во саудиски Ал Хилал.

„Неодамна разговарав со него и тој беше целосно подготвен и среќен за оваа можност.„Тешко е да се најде играч кој му е рамен. Тој е многу редок талент“, изјави Диниз на прес-конференцијата во Рио де Жанеиро.

Диниз, кој е и тренер на Флуминенсе од Рио де Жанеиро, ќе ги извршува двете должности додека Италијанецот Карло Анчелоти не го заврши договорот со Реал Мадрид во јуни 2024 година и не го преземе кормилото на бразилската репрезентација, изјави претседателот на Бразилската фудбалска конфедерација (CBF), Едналдо Родригуеш.