Жителите на охридско-преспанскиот регион и во саботата вечер беа вознемирани од два посилини потреса и низа со послаб интензите, информираше Сеизмолошката опсерваторија при Природно-математичкиот факултет во Скопје, во чиј извештај се напоменува дека од многуте регистрирани земјотреси во текот на денешниот ден, дел од нив беа почувствувани во Охрид и околината.
Најсилните земјотреси се регистрани во 21 часот и 31 минута со Рихтерова магнитуда 3,7, и интензитет V степени според Европската макросеизмичка скала, и во 22 часот и 52 минути со Рихтерова магнитуда 3,6 и интензитет V степени според Европската макросеизмичка скала;
Биле регистрирани и повеќе послаби земјотреси со Рихтерова магнитуда меѓу 2 и 3 кој беа почувствувани со интензитет III степени според истата скала.
Епицентарот на потресите е на 6 километри од село Косел и на длабочина од 2 километри.
На овие потреси во саботата им претходеше уште еден со послаб интензитет од 3,1 степен, кој беше регистриран во 17,10 часот.
Серија земјотреси, од 18 јуни се проценува дека ги имало околу 1.300, го потресоа Охрид и во текот на изминатата ноќ. Најсилниот беше со магнитуда од 4,1 степен кој се случи неколку минути по полноќ.