Не мислев дека тоа е можно во Америка, изјави во вторникот вечерта Доналд Трамп во врска со обвинението што му беше прочитано неколку часа претходно во судот во Њујорк.
„Единствениот прекршок што го направив е што бестрашно ја бранев нашата земја од оние коишто сакаат да ја уништат“, рече поранешниот претседател, нарекувајќи го обвинението „навреда за нацијата“, обраќајќи им се на поддржувачите од неговата резиденција во Мар-а-Лаго, на Флорида.
Доналд Трамп го нарече официјалното кривично обвинение „навреда за нацијата“ откако се врати во својата резиденција во вторникот.
Поранешниот американски претседател ѝ се обрати на јавноста од истата сала за свечености во одморалиштето Мар-а-Лаго каде што ја објави својата трета кандидатура за Белата куќа на 15-ти ноември.
Неколку часа претходно, Трамп пред судот на Менхетен се изјасни за невин за фалсификување сметководствени документи, на сослушување кое ги разбранува страстите во земјата.
Откако излезе од судницата како слободен човек, без судски надзор, Трамп ќе се обиде да стори сѐ за да го спречи судењето коешто би можело да започен во јануари 2024 година, само неколку месеци пред претседателските избори за кои се кандидираше.
Минатата седмица против Трамп беше подигнато обвинение, со што стана првиот актуелен или поранешен американски претседател кој се соочува со обвинение за кривично дело, поради случајот за исплаќање 130.000 долари во 2016 година на порно-ѕвездата Сторми Даниелс во текот на тогашната изборна кампања за нејзиното молчење за нивната сексуална врска со години пред тоа. Трамп ги отфрла обвинувањата и тврди дека тие се политички мотивирани.
Покрај овој случај, Трамп, против кого демократите имаа два неуспешни обиди за негово отповикување во Конгресот, е под посериозни истраги за неговата наводна улога во упадот на неговите поддржувачи на Капитол кои и денес тврдат дека е лажирана победата на изборите во 2020-та на актуелниот претседател Џо Бајден, како и за управувањето со претседателските архиви за што е истражуван и Бајден, и за наводен притисок врз електорите во Џорџија.