Психолозите сметаат дека родителите сѐ помалку време поминуваат со своите деца и инсистираат во текот на денот да користат барем два часа квалитетно поминато време со своите деца. Истакнуваат и дека 60 отсто од слободното време треба да го поминуваат во разговор со децата, пишува Нова Македонија.
ИСТРАЖУВАЊЕ: ОД 24 ЧАСА ВО ДЕНОТ, ЗА ДЕЦАТА ОДВОЈУВАМЕ САМО ПОЛОВИНА ЧАС
Дали поминувате доволно време со вашите деца? Нема родител што во одреден момент не бил исправен пред ова сосема едноставно прашање. Поттикнати од егзистенцијални проблеми, родителите најчесто времето го поминуваат на работа, а слободното време го користат за завршување на секојдневните домашни обврски. Така, од слободното време на родителите, за децата останува помалку од половина час дневно.
Заеднички именител на среќните семејства е квалитетен емоционален однос меѓу родителите и децата и почитување меѓу партнерите. Ова го покажало последното истражување на УНИЦЕФ во Србија, што е дел од потребата да се обликува јавна политика за доброто на семејствата во таа земја.
– Најсреќни се семејствата во кои родителите и децата заедно прават исти работи.
Најмногу, пак, можат да се потпрат на бабите и на дедовците.
Најмногу, пак, можат да се потпрат на бабите и на дедовците. Доказ за тоа е што едно семејство во тешките моменти секогаш бара поддршка од повозрасните членови, односно кај бабите и дедовците – пишува во истражувањето.
Но каква е состојбата кај нас? За разлика од таму, во Македонија последните години не се правеле слични истражувања. Тоа го потврдуваат и од УНИЦЕФ во Македонија, педагозите, социолозите, како и од институциите што се занимаваат со ран детски развој. Сепак, повеќемина од нив констатираат дека состојбите во однос на времето поминато со децата се слични речиси во сите држави од регионот.
Психолозите сметаат дека тоа време е малку и инсистираат родителите во текот на денот да користат два часа квалитетно поминато време со своите деца.
Квалитетно поминато време со децата
Над 60 отсто од слободното време родителите треба да го поминуваат во разговор со децата (особено со оние во пубертет), односно раскажувајќи им приказни на децата од предучилишна возраст. Остатокот од слободното време треба да го посветат на прошетки со децата, како и да поминуваат спортски активности со децата.
– Родителите не треба да бидат само физички присутни во домот туку активно да учествуваат во секој момент, па макар гледајќи и телевизија со децата. Тие треба да знаат дека родителите се секогаш тука за нив – објаснува Јана Зенговска, психолог во првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Според анализите на УНИЦЕФ, среќните семејства имаат развиена социјална мрежа и се потпираат на пошироката фамилија, на пријателите. Заедно ги поминуваат и среќните и тажните ситуации.
– Материјалното богатство не влијае врз среќата на членовите на семејството, освен кога материјалната состојба е толку лоша што може да ја загрози сигурноста на целото семејство. Со други зборови, за едно дете најважно е каква е атмосферата во домот, дали родителите го поддржуваат, отколку дали има скап телефон – се вели во истражувањето.
Обединетите нации секоја година објавуваат светски извештаи за среќата, кои се занимаваат со различни аспекти на доброто на луѓето.
Слаба работа на институциите
Социологот Илија Ацески вели дека кај нас не се прават голем број истражувања за развојот на семејствата, односно за тоа колку време родителите им посветуваат на децата.
– По 90-тите години од минатиот век настанаа промени во политичката и во економската состојба. Тоа создаде и промени во начинот на животот на луѓето, како и на функционирањето на родителите и децата во едно семејство. Точно е тоа дека родителите имаат сѐ помалку време за децата – нагласува Ацески.
Но, според него, слаба е и работата на институциите каде што децата учат или се чуваат. Најголем пропуст, како што вели Ацески, е тоа што децата сѐ помалку се учат да бидат одговорни кон себе, кон природата, кон родителите итн.
Индивидуален пристап
Јулијана Јаневска, социолог во средното скопско училиште „Методи Митевски-Брицо“, вели дека поради секојдневните работни обврски, на родители им останува малку време да поминат со своите деца.
– Децата бараат индивидуален пристап, и во училиштето и во семејството. Тоа не можат да го остварат секогаш воспитувачките во градинките или, пак, наставниците во училиштата. Во една група или паралелка има премногу деца, за наставниците да му се посветат на секое посебно. Потоа децата доаѓаат дома, каде што исто така се соочуваат со недостигот од време од родителите – објаснува Јаневска.
Според неа, во семејството се гради личноста на едно дете. Таму човекот го почнува и завршува својот живот.
– Децата мораат да знаат дека можат да се потпрат на родителите. За какво било недолично однесување на децата, причините лежат токму во семејството и во односот што родителите го имаат кон своите деца – додава Јаневска.
Среќно е семејство без конфликти
Целта на истражувањето на УНИЦЕФ била да се промовираат сложното семејство и квалитетното родителство, со намера позитивната родителска практика да стане норма во секој дом.
– Учествувајќи во семејните работилници ги мотивираме родителите да ги почитуваат едни со други, да разговараат, мирно да ги решаваат конфликтите, а најважно од сѐ членовите во семејството да поминуваат доволно време заедно -пишува во истражувањето.
Разликите меѓу среќните и несреќните семејства се изразени и кога се во прашање заедничките активности меѓу членовите на семејството, еднакво учество на двајцата родители во одгледувањето на децата.
Експертите велат дека современите семејства, од кои не е исклучок и семејството во Македонија, ги носат бремето, тежината на економската криза и неизвесноста.
Според нив, малку се застапени моделите на љубов, другарство и почитување. Наспроти тоа, подоминантен станува моделот на семејство што е карактеристичен како преживување, напнатост и немање време. Семејниот живот несомнено има тенденција на напуштање на патријархалниот тип вредности и сѐ поголемо прифаќање на современиот автономен тип, кој особено е нагласен кај младите.
Статистичките податоци покажуваат дека голем дел семејства во државава, како резултат на невработеноста или ниските приходи, не можат да обезбедат основни потреби за секојдневниот живот.