Градот Скопје во соработка со Министерството за труд и социјална политика, Министерството за внатрешни работи, Територијалната единица за противпожарна заштита, Црвениот крст и Здружението на граѓани „Љубезност“ ја продолжува кампањата за пријавување огнови на отворено.
-Палењето огнови на отворено е законски забрането, но е честа појава. Најчесто тоа е последица на несовесноста на некои граѓани, но во некои случаи е и единствен начин за затоплување во студените зимски денови на нашите сограѓани кои немаат соодветно живеалиште. Горењето пластика, гуми, кабли, неквалитетни дрва и палењето на дивите депонии влијаат на загадувањето на воздухот. Статистиката покажува дека греењето на дрва учествува со една третина во загадувањето на воздухот, а најотровните состојки се испуштаат од отворените огнови. За таа цел мешани тимови и оваа година ќе работат секој ден, 24 часа, за борба против огновите на отворено. Граѓаните активно можат да ги пријавуваат сите случаи на палење огнови на отворено во кол-центарот, на телефонскиот број 193 – рече на денешната прес-конференција Ваљон Салиху, портпарол на Град Скопје.
Тој упати апел до граѓаните, сите забележани огнови на отворено да ги пријавуваат исклучиво на телефонскиот број 193, наместо на Фејсбук или на другите социјални мрежи.