Не сакам да се повтори Ролан Гарос, вели Алкараз пред финалето на Вимблдон

Од самото излегување на теренот морам да уживам во моментот, изјави пред неделното финале на турнирот во Вимблдон против Србинот Новак Ѓоковиќ, шпанскиот тенисер Карлос Алкараз.

Во финалето 20-годишниот Алкараз ќе ја лови својата втора титула на Грен Слем турнирите, додека Ѓоковиќ е рекордер со 24-те титули на четирите најголеми светски турнири. Тоа ќе биде дуел на двата моментално најдобри тенисери во светот.

„Секако ќе се обидам да излезам на теренот и да го одиграм мечот без нервоза. Не сакам да се повтори Ролан Гарос кога бев доста нервозен во првиот сет од мечот против Ѓоковиќ. Тогаш воопшто не уживав. Подготовката за мечот ќе биде сосема поинаква отколку во Париз. Сигурно ќе бидам подобар, убеден сум“, најави Алкараз.

Шпанецот досега го има освоено само УС Опен минатата година, додека во четири сета беше поразен во полуфиналниот дуел на годинешниот Ролан Гарос од Србинот, по кој се жалеше дека во текот на целиот трет сет го фаќале грчеви во рацете и нозете.

„Имам тим кој работи со мене и на психолошки план. Тоа многу ми помага. Во таа смисла ќе биде многу силна подготовката за неделниот финален меч. Ќе биде многу емотивно за мене, Вимблдон и финалето е нешто за што сонуваш. За мене моментот ќе биде посебен, а за Ѓоковиќ веројатно само уште еден ден на теренот“, вели Алкараз.