Нема промени во породилното отсуство на мајката. Мајчинското отсуство трае 5 месеци, а родителското по четири месеци за секој родител поединечно, појасни денеска Министерството за труд и социјална политика откако на социјалните мреши се прошири информација дека се намалува породилното отсуство.
– Иако на прв поглед изгледа дека е намален периодот на мајчинско отсуство, сепак не е така, бидејќи мајката има 5 месеци мајчинско и 4 месеци родителско отсуство, значи, останува со детето исто како и досега, 9 месеци. Но, дополнително, тука се и 4 месеци на родителско отсуство на таткото, кои доколку се користат од страна на таткото по истекот на мајчинското и родителството отсуство на мајката, значат дека детето , наместо досегашните 9 месеци, ќе може да биде под родителска грижа вкупно 13 месеци – велат од Министерството.
Ваквиот пристап е со цел изедначување на улогата на мајката и таткото, односно мажот и жената во периодот на подигање на детето или децата.