Не сме надлежни за постапување во случаите со змии, велат од Град Скопје

„Поврзано со дезинформациите пласирани во јавноста, а во врска со последниот случај на појава на змија во Идризово, ја известуваме јавноста дека со Законот за Град Скопје е прецизно утврдено чии се надлежностите за дезинсекција, дезинфекција и дератизација, односно Град Скопје нема надлежност за дератизација или постапување во случаи со змии или други влекачи или глодари“, велат од Град Скопје.

„Во член 15 став 1 точка 4 од Законот за Град Скопје јасно е утврдена обврската на општините во градот за дератизација и дезинфекција, односно десетте општини се надлежни за дератизација и дезинфекција на населените места на својата територија.

Дератизација е збир на процедури кои се спроведуваат со цел да се уништат опасни штетници и можни носители на одредени заразни болести. Дезинфекцијата е постапка насочена кон уништување на најголемиот број на несакани микроорганизми со различни физичко-хемиски средства.

За појаснување со член 10 став 1 точка 4 од Законот за Град Скопје, утврдена е единствено надлежноста на градот за дезинсекција, како збир од процеси кои се преземаат за сузбивање на инсектите“, се наведува во соопштението на Град Скопје.