Не успеа обидот на Русија да се врати во Советот за човекови права на ОН

На тајното гласање на Генералното собрание на ОН, Русија доби 83 гласа, Бугарија 160, а Албанија 123. Русија се натпреваруваше со нив во истата група за едно од двете места резервирани за земјите од Централна и Источна Европа во Советот за човекови права, чиешто седиште е во швајцарска Женева.

Генералното собрание избра 15 членови на Советот за човекови права за периодот 2024/2026 година. Тоа се Албанија, Бразил, Бугарија, Бурунди, Кина, Брегот на Слоновата Коска, Куба, Доминиканската Република, Франција, Гана, Индонезија, Јапонија, Кувајт, Малави и Холандија.
Москва сѐ уште официјално не реагирала на гласањето. Русија беше исклучена од Советот за човекови права пред 18 месеци, откако ја нападна Украина во февруари 2022 година. Дипломатската иницијатива за тоа беше предводена од САД.

Некои дипломати веруваа дека, со оглед на заморот од војна на Запад во Украина, Русија има разумни шанси да се врати во Советот. Но Генералното собрание на ОН, во вторникот, ги избра сојузниците на Москва, Кина и Куба, за членови на Советот за човекови права.

Советот за човекови права е тело на ОН кое ги промовира и штити човековите права во светот. Има 47 членови кои се избираат на три години по регионални групи.