Џеват Ајдиновски, сопственикот и управител на фирмите должници ЏМС Транспорт и БКД-М, се огласи јавно во медиуми во врска со исплата на долговите што ги има кон Еуростандард банка, а кои кумулативно се во износ од околу 1,8 милиони евра до затворањето на банката минатата година. Бидејќи веќе е активирана присилна наплата за неговите долгови, Џеват Ајдиновски треба да се обрати кај извршителот или извршителите кои ги работат неговите предмети за да ги подмири долговите во целост. Ја поздравуваме намерата на сопственикот да ги врати парите веднаш, a коишто ги позајмил одамна и за коишто не плаќал рати вооппшто повеќе од две години, се вели во денешното соопштение од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.
Оттаму ги повикуваат и охрабруваат и другите сопственици на фирми должници кои до сега ги објавија да го следат примерот на Џеват Ајдиновски и да ги вратат земените туѓи пари, како што се Оливера Спировска Мандевска од Феро Центар, Слободан Ангеловски од Мулти офис, Славко Секулов од Камбриум, Ненад Јакимовски и Мусаддик Рустеми од Силком Голубица, Срџан Шабан од Арбор Дизајн и Арбор Интериор Солутион, Себајдин Беќири од Златко М Трејд, Горан Станковски од Ом-там, Борка Делева од Југотрејдинг ДН, Марија Ангеловска од АТВ Зеус и Горан Минков од Вадрамини Инженеринг. Тоа секако се однесува и на сите останати должници кон Еуростандард банка кои ќе бидат јавно објавувани во нареден период.
-Да објасниме и за уште еден случај со доделен, но не вратен кредит. Според извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски, Генекс Коп дооел Скопје е фирма која должи 665 илјади евра кон Еуростандард банка, за што не вратила ниту еден денар 377 дена или околу една година пред затворањето на банката минатата година. Како обезбедување за земениот кредит, за фирмата се води единствено обична меница.
Основана е во август 2016 година со седиште во Општина Кисела Вода во Скопје и непаричен влог од 5 илјади евра. Главна дејност на фирмата е товарен патен транспорт, има двајца вработени и депонентна сметка во Комерцијална банка. Сопственик и управител на фирмата е Антонија Петрушевски.
Од увидот во билансите на фирмата може да се заклучи дека фирмата ниту имала капацитет да враќа толкав голем кредит ниту била бонитетна за тоа. Фирмата била презадолжена. Во 2019 година, фирмата имала 44 пати повеќе долгови во однос на акумулираниот капитал и резерви, или 660 илјади евра долгови према 15 илјади евра капитал. Се поставува легитимното прашање, како раководството на банката доделило вака голем кредит на презадолжена фирма само врз основа на обична меница!? Дали некоја од надлежните истражни органи ја повикал и сопственичката Антонија Петрушевски да објасни како го добила овој голем кредит само со обична меница како единствено обезбедување при толкава презадолженост и каде всушност завршиле нашите пари?, прашуваат од Здружението.
Потсетуваат дека меницата како единствен инструмент на обезбедување за земен кредит може да биде само исклучок, но не и правило.
-Народна банка видела и знаела дека раководството на Еуростандард банка одобрило и масовно пласирало сомнителни и спорни кредити на 58 фирми во вкупен износ од 16,8 милиони евра покриени единствено со меници во текот на изминатите неколку години. Каков е ризикот од наплата на овие кредити? Што направила гувернерката Анита Ангеловска Бежоска да не заштити од вакви проневери? Сите досегашни објавени случаи, без исклучок, покажуваат дека фирмите кои имаат земено кредити од Еуростандард банка со обезбедување единствено со обични меници се високоризични, презадолжени, во загуби и добар дел од нив во стечај или веќе затворени. Што е ова ако не свесно делење на ненаплатливи кредити од страна на раководството на Еуростандард банка, со единствена цел да парите не се вратат и бидат поделени понатаму, а да ние сега бидеме целосно ограбени како доверители?
Молкот мора да престане. Криминалот и корупцијата не смеат да се толерираат, со намера да се заборават или сокријат. Нашата свест и совест не го дозволуваат тоа. Правда и одговорност мора да има и парите мора да се вратат во целост. Не сме ги дале во коцкарница туку сме ги довериле или работеле со лиценцирана и пред и се контролирана но ограбена банка. Овој случај мора да се расчисти до крај. Без негово расчистување нема влез во Европската унија ниту верба и сигурност во банкарскиот систем. Продолжуваме понатаму!, порачуваат оштетените штедачи.