Не жалам што го отпуштивме Лопетеги

Претседателот на Фудбалскиот сојуз на Шпанија, Луис Мануел Рубијалес уште стои зад својата одлука непосредно пред почетокот на Светското првенство во Русија да му даде оказ на селекторот на „Црвената фурија“, Хулен Лопетеги.

Шпанија беше елиминирана во осминафиналето од домаќинот Русија, која беше подобра по изведување на пеналите. Дали резултатот би бил поинаков ако Лопетеги, кому му се замерува дека тајно преговарал и потпишал за „Реал Мадрид“, останеше на клупата на Шпанците, може само да се шпекулира.

Шпанците го завршија учеството на Мундијалот, Лопетеги се промовираше на „Сантијаго Бернабеу“, а Рубијалес нема дилема и смета дека го направил вистинскиот потег.

Јас не жалам за одлуката да го отпуштиме Лопетеги бидејќи е донесена во уверувања и вредности на кои не влијаеа претходните резултати. Кога одлуката е донесена врз основа на одредени вредности и со целосна одговорност може да бидете мирни. Сега е неопходно да се анализира сè и да видиме што е најдобро за националниот тим и Сојузот, изјави Рубијалес за шпанските медиуми.

Наместо Лопетеги беше назначен Фернандо Иеро, но Шпанија не ја оправда улогата на фаворит и Русија продолжи во четвртфиналето.

Јас сум горд на начинот на кој Јеро и неговиот стручен штаб се однесуваа. Тој храбро ја презеде одговорноста. Во следните неколку недели ќе видиме што е најдобро за сите страни. Постојано учиме нешто ново, па сега е тешко да се анализира сè во еден час. Во спортот не победуваат секогаш најдобрите. Видовме дека дури и некои одлични тимови беа елиминирани. сигурен сум дека 99 отсто од луѓето мислат дека Шпанија беше подобра од Русија, додаде Рубијалес.