Недела на новогодишни донации на ЕВН

ЕВН Македонија обезбеди 400 пакети со хранливи производи за социјално ранливите семејства со што ја заокружи неделата посветена на новогодишните донации. Оваа година, ЕВН донираше пакети со храна до Македонската православна црква (МПЦ), Исламската верска заедница (ИВЗ) и Католичката црква. Преку хуманитарните организации, „Свети Спас“, „ Каритас“ и  „Хилал“„ истите ќе бидат распоредени низ целата земја.

Во народната кујна „Св. Апостоли Петар и Павле“ на Македонската православна црква во населбата Ѓорче Петров во Скопје, со донираните намирници ќе се подготвуваат празнични јадења за посетителите за време на Нова година и Божиќ. Свештениците од хуманитарната организација „Свети Спас“ и годинава ќе достават пакетчиња со храна до граѓаните кои се во тешка здравствена состојба или пак живееат во далечните рурални средини во парохиите.

Пакети со прехранбени продукти беа донирани за хуманитарните организации на Исламската верска заедница (ИВЗ) „Хилал“ и Католичката црква,,„Каритас“ кои ги доставија за ранливите семејства. Овие донации кои веќе прераснаа во традиција имаат цел за празниците да ја збогатат домашната трпеза на овие семејства и да донесат насмевки и радост за најмладите.

Заедно со Црвениот крст беа организирани новогодишни хуманитарни настани под мотото: „Да споделиме радост“. Вкупно 500 новогодишни пакетчиња добија децата на семејства во социјален ризик и деца со попреченост од  Скопје, Струмица, Битола, Гостивар, Куманово, Кичево и Штип. Централниот настан се одржа во Скопје каде дечињата можеа да проследат и новогодишната претстава како и да се сликаат со Дедо Мраз.

Новогодишни подароци добија дечињата од домот за деца без родители „25 Мај“, дечињата со оштетен слух и говор од училиштето „Партение Зоографски“ како и  децата со Аутизам и со Даунов синдром кои се танчери и членови на танцовиот клуб „Академија Рекреатива“ од Скопје. Тие танцуваа на новогодишната завршна танцова приредба организирана за нивните најблиски и други гости.