Неделата била најтоплиот ден откако се собираат податоц

Светот ја достигнал највисоката температура досега забележана во недела, на 21-ви јули, според прелиминарните податоци од „Коперник“ (Copernicus), програмата на Европската унија за набљудување на Земјата.

Просечната температура на површината во неделата достигнала 17,09 Целзиусови степени, што е малку повисоко од претходниот рекорд, забележан во јули минатата година – 17,08 степени.

Во текот на изминатата седмица топлотни бранови ги зафатија САД, Европа и Русија.

Од „Коперник“ потврдиле за новинската агенција Reuters дека се чини оти е соборен минатогодишниот рекорд. Податоците се собираат од 1940 година.

Минатата година Земјата имаше четири рекордни денови по ред, од 3-ти до 6-ти јули. Климатските промени, како што тврдат некои научници предизвикани првенствено од согорувањето на фосилните горива доведоа до екстремните горештини на северната хемисфера, потсетува Reuters.

Од јуни 2023 година, секој месец, 13 од нив по ред, планетата бележи рекордно топли месеци во споредба со истите периоди од претходната година, наведуваат од „Коперник“.

Некои научници веруваат дека 2024 година ќе ја надмине 2023 година како најтопла година досега. Климатските промени и крајот на метеоролошкиот феномен Ел Нино во април годинава дополнително ги зголемија температурите.