Намалувањето на работоспособното население во Јапонија води до структурни промени на пазарот на трудот кои го зголемуваат притисокот врз компаниите да ги зголемат платите и цените за нивните услуги, објави централната банка на Јапонија во два истражувачки труда.
Наодите од овие студии го поддржуваат аргументот на Bank of Japan (BoЈ) дека зајакнувањето на инфлаторните притисоци поради зголемувањето на платите и цените на услугите го оправдува подигањето на каматните стапки од сегашните нивоа блиску до нулата.
Платите на постојано вработените стагнираа иако недостигот од работна сила се интензивираше од средината на 2010-те. Во исто време, жените и постарите вработени ги пополнија празнините со преземање на ниско платени работни места со скратено работно време. Трендот сега се менува, бидејќи опаѓачкиот број на жени и постари работници, зголемениот број на работни места и зголемените плати за работните места со скратено работно време бараат од компаниите да ги зголемат платите за вработените со полно работно време, според истражувачки труд за јапонскиот пазар на трудот.
„Недостигот од работна сила предизвикува промени во однесувањето на компаниите при одредувањето на висината на платите. Обемот на дополнителна понуда на работна сила веројатно постепено ќе се намалува и се проценува дека притисокот за зголемување на платите ќе остане“, посочуваат од BoJ.
Нагорниот притисок врз платите почнува да ги заменува трошоците за суровините како главен двигател на инфлацијата, објави BOJ во друг истражувачки труд за цените во секторот на услуги во Јапонија. Цените за услугите кои се движат од часови по англиски до туторство и масажи се зголемија бидејќи трошоците за работна сила продолжуваат да растат, објавија тие.
„Со зголемениот притисок врз платите, ценовното однесување на компаниите се менува и ги поддржува цените во услужниот сектор, кои не се значително променети од доцните 1990-ти“, се вели во извештајот.