Недоумици во Хрватска: Како е името на новиот британски крал?

Хрватските медиуми, по смртта на кралицата Елизабета Втора вчера, за новиот крал на Велика Британија почнаа да полемизираат околу тоа – дали името ќе му биде Чарлс или Карло…

Имено, прашањето и недоумицата е – ако Елизабет, на пр., беше – Елизабета, а Франц Јосиф – Фрањо Јосип (во Хрватска), зарем и името на новиот крал на Велика Британија не треба да се преведува? Се чини – не.

Правописот на хрватскиот јазик вели дека се преведуваат само имињата на поединечни владетели, велат лекторите.

За споредба, хрватската верзија на името Џорџ е „Ѓуро“, а на Вилијам е „Вилим“, но ретко кој ќе го нарече кралот Џорџ Шести, на пр. – „Ѓуро Шести“, или принцот Вилијам – „Вилим“. Имињата на светските владетели беа преведувани минатиот век, но оваа практика спонтано се напушта.

Идниот британски крал Чарлс Трети е познат во целиот свет по неговото англиско име, па во Хрватска да го нарекуваат „Карло“ е донекаде и бесмислено, бидејќи и „Карло“ не е хрватско име, а Чарлс нема никаква врска со Хрватите и нивната историја.

Сличен случај е и со папата Франциск, чие име Хрватите го преведуваат како Фрањо бидејќи е поглавар и на хрватските католици. Името на папата е преведено на сите јазици, но тој всушност, на латински јазик, не е ниту Франциско, ни Франческо, ни Фрањо, ни Френсис, туку – Францискус.

Името на кралицата Елизабета се етаблира во овие простори за време на тн. српско-хрватски јазичен период, па југословенските медиуми уште од почетокот ја нарекуваа Елизабета. Натаму, за Словените е поприродно женските имиња да завршуваат со самогласката -А, па можеби „Елизабет“ и по малку спонтано е усвоена како Елизабета.

Освен тоа, разликата во изговорот на „Елизабет“ и „Елизабета“ е само тој последен глас -А, а второво име го имаме кај словенојазичните народи, па и полесно се прифаќа на словенското поднебје.

Натаму, кралицата Елизабета Прва во својата „Златна ера“ од 16. век, така и Елизабета Втора е, можеби, најпознатиот монарх во поновата историја, па нејзиното име често се преведуваше и на други јазици, додека имињата на некои „помалку важни“ владетели секогаш беа напишани во нивниот првичен облик.