Заменик-генералниот секретар на Собранието, Неџбедин Ибраими потврдува дека до „Службен весник“ ја испратил само одлуката за изборот на Талат Џафери за претседател на парламентот, потпишана од пратеникот Горан Мисовски од НСДП во својство на заменик-претседавач на конститутивната седница на Собранието. Но не добивме одговор дали одлуката за изборот на Џафери била придружена со записник од седницата кој е архивиран во собраниските служби – објави весникот „Дневник“.
Токму неуставниот избор на Џафери вчера беше оспорен пред Уставниот суд од претседателот на Светскиот македонски конгрес, Тодор Петров. Едновремено и поранешниот претседател на Собранието и претседавач со конститутивната собраниска седница, Трајко Вељаноски обвини дека објавата на одлуката во „Службен весник“ за изборот на Џафери е со фалсификуван документ бидејќи на неа е потпишан Мисовски како заменик-претседавач со конститутивната седница наместо Стојан Миланов од Социјалистичката партија и Јусуф Хасани од Демократската партија на Турците. Ова Вељановски го документира со стенографските белешки од конститутивната седница од 30 декември 2016 година.
– Со овластување на генералниот секретар на Собранието, Жарко Денкоски од 2009 година, како заменик-генерален секретар имам овластување да потпишувам и печатирам одлука за избор на претседател на Собранието. Одлуката за изборот на Талат Џафери за нов претседател на Собранието, потпишана од Горан Мисовски како заменик-претседавач со конститутивната седница ја испратив во „Службен весник“ – изјавил Ибраими за „Дневник“.
Со образложение дека не одговара на политички прашања, не дал одговор дали за седницата на која е избран Џафери има записник архивиран во собраниските служби, стенографски забелешки од седницата.
На одлуката за избор на Талат Џафери за претседател на Собранието на РМ пишува дека е донесена врз основа на членот 67 став 1 од Уставот на РМ и член 21 став 1 од Деловникот на Собранието на седницата одржана на 27 април.
Наспроти ова, Вељановски тврди дека новото парламентарно мнозинство насила ја презело власта бидејќи преку фалсификуван документ испратен до „Службен весник“ е објавена одлуката за изборот на Џафери за претседател.
– Вистината е дека мои заменици како претседавач со конститутивната седница се Стојан Миланов од СПМ и Јусуф Хасани од ДПТМ, назначени во согласност со член 10, став 1 од Деловникот на Собранието, на конститутивната седница одржана на 30 декември 2016 година, а не оној што ја потпишал одлуката што е објавена во „Службен весник“. Непроценливи штети за Македонија – се огласи Вељановски.
Џафери во изјави за медиуми тврди дека има записник од неговиот избор за претседател. Од собраниски извори дознаваме дека дали ќе има записник ќе се знае на собраниска седница што ќе ја закаже Џафери.
– Записник од изборот на Џафери за претседател може да има доколку тој биде усвоен на собраниска седница и потоа се архивира во собраниските служби. Така е според Деловникот. На првата седница што ќе ја свика Џафери или на некоја друга седница, тој како претседател на Собранието ќе треба да побара Собранието да го усвои записникот од седницата на која тој беше избран за претседател. Може некои од пратениците ќе имаат и забелешки. Засега записник од таа седница нема – вели за дневниот весник извор од Собранието.
Останува отворено прашањето со која седница претседавале Мухиќ и Мисовски и кој нив ги избра за претседавач и заменик-претседавач. Според телефонската снимка од изборот на Џафери, Мухиќ и Мисовски претседаваат со претходно затворената седница од претседавачот Трајко Вељановски бидејќи за да го изберат новиот претседател тие преминаа од третата точка, која е за избор на Kомисијата за избори и именувања на четвртата точка од истата седница, која се однесува на избор на претседател на Собранието. Прашањето кое останува отворено е како е можно законски Мухиќ и Мисовски да ја продолжат седницата со која прво претседава Вељановски и второ, која половина час претходно тој ја затвори. Доколку станува збор за нова седница, но не е така, таа претходно требало да биде закажана и архивирана во Собранието. Зошто со седницата претседава Мухиќ, па Мисовски наместо највозрасниот пратеник Бранко Манојловски?
Токму поради ова, но и други незаконитости, ВМРО-ДПМНЕ веќе најави дека ќе поднесе кривични пријави против Мухиќ и Мисовски.
Од партијата на Никола Груевски и вчера повторија дека остануваат на ставот дека СДСМ нелегално го избрал Талат Џафери за претседател на Собранието и оти со тоа покажал дека е подготвен да ги погази и волјата на народот и Уставот и националните и државните интереси.