Нега на кожа во зимa

Многумина, негата на кожата на лицето и телото генерално ја поврзуваат со заштита од сонце. Добро ни е позната директната изложеност на сонце, ефектите на УВ зраците и последиците по изгледот на кожата во летните месеци, но, и зимaта си носи свои предизвици кои ни се малку познати.

Всушност, ладното време може да биде многу поголем непријател на кожата, а особено за оние со чувствителна кожа, затоа што кожата е различна во секоја временска сезона. Кога е ладно порите на кожата се затворени, што функционира како одбранбен систем на телото да се заштити од студот, а сепак да ја зачува топлината.

Затоа и токсините повеќе се задржуваат во телото во зимскиот период, а тоа се одразува надворешно на изгледот на кожата. За да избегнете натрупување токсини, а воедно да имате и убава кожа, практикувајте секојдневна и соодветна нега на лицето и телото. Во прилог следуваат неколку наши предлози за безгрижна зима со негувана и убава кожа.

Соодветна козметика и навлажнувачи

Одржувањето на влажноста на кожата во зимските месеци е најважниот фактор за здрав изглед на лицето и телото. Ладниот и сув ветер буквално ја „цица“ влажноста од кожата и ја остава сува, безживотна и испукана. Таквата кожа е повеќе склона кон надворешни влијанија кои водат кон предвремено стареење и појава на брчки. Истово важи и за затворени простории, поради присуството на грејни тела и преголема топлина.

Користете навлажнувачи или тоници после миење на лицето како секојдневна утринска рутина. Одберете соодветен тонер, производ според типот на вашата кожа и нанесувајте пред спиење. Негата на кожата додека спиете може да ја дополните и со употреба на специјални ноќни серуми или креми.


Внатрешна хидратација

Не е мит дека убавината доаѓа одвнатре! Кога е надвор ладно, порасположени сме да конзумираме топли пијалоци, како кафе или топло какао за да се стоплиме. Ладните пијалоци и водата најчесто ги избегнуваме. За жал ова не е правилно, бидејќи нашето тело има потреба од одредена количина вода за да биде здраво и витално. Кожата ја губи еластичноста и сјајноста доколку не е соодветно хидрирана во текот на денот.

Квалитетот и чистотата на водата е исто важна. Најидеално решение би било да ја превриете водата наутро, ставете ја во термос и пијте ја по мали количини во текот на денот. Или, вода помешана со лимон е одлична замена за хидратација, а воедно и детокс на телото.

Зимски спортови

Најдобар начин за исфрлање токсини од телото и кожата е преку потта. Поработете на процесот на потење барем два пати во неделата. Вежбајте минимум 30 минути во денот, дома или во некоја вежбална. А доколку сте ентузијаст за зимските спортови, не ја заборавајте и негата на кожата паралелно. Влијанието на сончевите здраци кога сте на снежни површини е многу поголемо споредено со она од летните месеци. Рефлексијата од снегот ги одбива УВ зраците директно на вашето лице, а со тоа ја и оштетува кожата. Затоа, дераматолозите препорачуваат задолжителна употреба на заштитни креми од сонце. Одберете крема со висок заштитен фактор, нанесете на лицето и уживајте во зимските спортови.