Негативната реторика на ДУИ ќе биде пожестока и позасилена

Премиерот Христијан Мицкоски порача до пошироката јавност и медиумите да не ѝ придаваат важност на реториката со која се служи ДУИ.

Тој изјави дека таа ќе биде уште пожестока во периодот што следува.

Мицкоски смета дека со придавање на значење на таквата реторика, тоа не им носи добро на граѓаните.

– Ова ги иритира и граѓаните и нашите партнери во меѓународната заедница. Оваа работа не треба да се поедноставува. Има случаи во МВР на припадници на одредени политички партии и со различна етничка припадност ја злоупотребиле својата положба и незаконски издавале дозволи за оружје и друг тип на документи. Нормално, тие се санкционирани – рече премиерот.

Тој очекува негативната реторика да се засилува, да биде пожестока и поиредентистичка.

– Како што ќе стигнуваме поблиску до криминалците, таа реторика ќе биде пожестока и позасилена. Со првите притворувања и судски процеси овие напади ќе бидат уште позасилени. Ова е борба со криминалот која претходно ја најавив. Некои работи, можеби побавно одат, но правдата е бавна, но доаѓа – рече Мицкоски.

Тој смета дека во ДУИ за да ги заштитат имотите кои ги стекнале нивни членови или блиски до партијата ја користат оваа алатка и побара да не се дава значење во јавноста.

Мицкоски смета дека владеењето на ДУИ во изминативе две децении придонело до иселување на 150.000 етнички Албанци од земјава.