Деновиве се навршуваат 80 години од прифаќањето на првото читање во бугарското Народно Собрание на фашистичкиот Закон за заштита на нацијата (ЗЗН), кое се случи на 20 ноември 1940 година. Негов претходник е сличен закон во фашистичка Германија.
Се’ почесто во медиумската јавност кај нас, дури и во научната и специјализирана литература по историја, политикологија, философија и други општествени науки, се негира постоењето на фашизмот во Бугарија. На Интернет, секоја статија, секој пост кои содржат фашизам се навредувани, проследени со пцовки и цинизам. Тоа најчесто го прават платени он-лајн тролови, кои се со различни псевдоними. Но, има и читатели кои априори го негираат постоењето на фашизмот – како резултат на незнаење и терминолошка збрканост. Еве една реплика на моја статија под наслов: „Груб фалсификат на бугарската историја“ – „Во Бугарија немало фашизам… Имало во Италија… Оттука следува дека статијата е невистинита. Во времето на Хитлер, Германија била национал-социјалистичка… така му се вика партијата и затоа накратко се наречени нацисти“.
Фашизмот (од италијански fascismo, од зборот fascio – сојуз, обединување) има три основни правци: крајно десно, националистичка и антихумана идеологија; радикално-екстремистичко националистичко политичко движење; политички режим – отворена терористичка диктатура. Основните признаци на фашизмот се: радикален национализам (ксенофобија, шовинизам, расизам и антисемитизам), потчинување на се’ во интерес на нацијата, сплотување на нацијата без класни поделби, политички и синдикални борби (еднопартиски или безпартиски систем); етатизам (државата е над се’ и се’ е во државата“; тоталитаризам, терор и насилство; антилиберализам и антидемократизам; антикомунизам; демагошка пропаганда, ограничување на слободата на изразување и цензура; милитаризација на општеството и т.н. Главното во фашизмот се радикалниот национализам, тоталитаризмот (државата контролира се’), теророт и насилството. Целта е заживување на нацијата, нејзино обединување и мобилизација за постигнување на нејзините национални идеали и интереси, незвисно од користените методи.
Меѓу 1920 и 1945 година во Европа има три основни доминирачки политички системи:
Либерализам; Социјализам и Фашизам
Главното за либерализмот е заштита на интересите на капиталот (богатите), за социјализмот – заштита на работничката класа и работните луѓе (сиромашните), а за фашизмот – националните интереси.
Во Бугарија се забележува тенденција кај некои политиколози, философи и историчари да го негираат постоењето на фашизмот во минатото во Бугарија. Постојат два пристапа за утврдување на присуство или отсуство на фашизмот. Првиот непродуктивен пристап е споредување со некаков стандард на фашизмот и најмногу на социјал-национализмот во Германија. И при отсуство на некои од нацистичките карактеристики, во бугарските услови се негира постоењето на фашизмот кај нас. Вториот пристап е земањето во предвид на манифестацијата не на сите, туку на најсуштествените црти на фашизмот. Во секоја земја, фашизмот има специфични признаци и карактеристики, но содржи исти знаци.
Фашизмот е генерички концепт (проф. И. Баева). Изразува заеднички суштински карактеристики на политичкиот феномен на фашизмот. Тој заеднички (генерички) концепт фашизам неможе да опстои одделно од видовите на концепти на политички фашизам. Во генеричкиот концепт се вклучени не сите црти на видовите на концепт (италијански фашизам, национал-социјализам, фалангизам, монархо-фашизам и други), туку само заедничките карактеристики – оние, кои ги има во сите видови концепти.
Фашизмот во одредени земја има специфична, различна форма.
Како што посочува Палмиро Тољати: „дури во една иста земја, во различно време, фашизмот има различна форма“. Сличен е и ставот на друг познат Италијанец – Умберто Еко. Тој смета дека „фашистичката игра може да се игра под многу форми, но името на играта не се менува“, како и дека „човек може да отстрани од италијанскиот фашистички режим една или повеќе карактеристики, но тој сепак сеуште ќе биде препознаван како фашистички. Тргнете го империјализмот од фашизмот и сеуште ги имате Франко и Салазар. Тргнете го колонијализмот сеуште го имате балканскиот фашизам“.
Во светот не постои единствена матрица за фашизмот, со која би можело да се споредуваат неговите одлики во одделни држави. Одликите на фашизмот во Италија и во Германија не се совпаѓаат. Тоа не значи дека Италија или Германија не биле фашистички држави. Повеќето споредби во Бугарија со италијанскиот фашизам или пак со германскиот национал-социјализам често акцентираат на одделни специфики, а не на основните признаци на фашизмот. Фашизмот како политички режим и политички систем се одликуваат со комплекс од признаци. Во различни земји може да има различни признаци и да нема целосен комплекс. Но, главното кое е заедничко за сите признаци останува. Таков е примерот и со Бугарија – нема владејачка фашистичка партија (но, има дузина фашистички партии и движења, застапени во Народното собрание) и нема изричен Фирер или Дуче. Но, тоа не го порекнува постоењето на другите основни признаци на фашизмот. Едни од нив се радикалниот национализам, антилиберализам, антикомунизам, ксенофобија и расизам, терор и насилство, милитаризам и демагогија.
Типичен признак на фашизмот е ксенофобијата, која во различни видови на фашизам има различни карактеристики – расизам, омраза, прогон и терор над други народи. Во Германија, Хрватска и во Бугарија има антисемитизам. Во Германија има и антиславјанизам, но такво нешто во Бугарија и во Хрватска нема, на крајот на краиштата тоа се славјански народи и држави. Но, има антисемитизам.
Во Бугарија ксенофобијата главмо се јавува како и во Германија, во форма на антисемитизам. Тој се разгорува по усвојувањето на Законот за заштита на нацијата (ЗЗН). И во Бугарија, како и во Германија, тој е тесно поврзан со радикалниот национализам. Во дискусијата за прифаќањето на ЗЗН во Народното собрание на 20 ноември 1940 година, се предлагаат многу мерки против Евреите и масоните. Мотивот е наднационалистички. На пример во мотивот на поднесувачите (Дочо Христов, Д. Андреев, Дени Костов и Ат. Попов) се пропагира отстранувањето на „секакви елементи кои се туѓи на националноста, и народот ќе престане да се воодушевува на секакви интернационални (т.е. комунистички) и космополитски (т.е либерал-демократски) идеологии“, да се наметне „големиот и светол слоган на националниот егоизам“, како и „укинување на правата на Евреите, а права да имаат само Бугарите“, (дел од говор на Д. Христов, во Народното собрание на 15 ноември 1940 година). Во своето излагање, Крум Митаков – основач и раководител на крајно десната фашистичка организација „Сојуз на бугарските фашисти“, ја открива целта на неговата партија – „постигнување на големината на Бугарија“, „за импементација на апсолутната Сан-Стефанска Голема Бугарија“. Како и „ограничување“ до минимум на граѓанските и политичките права на еврејската раса во Бугарија“. Тој ги сметал Евреите за „заговорници“, „паразити“ и дека „еврејската раса е џган“ (стенограм од Народното собрание од 19 ноември 1940 година, страна 228).
Врвот на разоткривањето на фашистичкиот карактер на Законот за заштита на нацијата (ЗЗН) е постигнат во говорот на Петар Габровски, министер за внатрешни работи и народно здравје. Потоа, тој говор е публикуван како самостојна брошура и распространета низ целата земја. Во говорот централно место имаат нацијата, национализмот, бугарската национална свест, која е „во крвта на Бугаринот, и тоа е силата на бугарштината“. Во говорот се заштитува и фашистичкиот признак етатизам – државата не е само политичка организација, туку и економска, културна и социјална организација. Добро познато е дека вмешувањето на државата во сите дејности е всушност тоталитаризам (белег на фашизам), поставувањето на јавниот интерес пред личниот, и дека само преку него „може да има развој и да има напредок“.
Во говорот има и антисемитизам, преку кој се оправдува и усвојувањето на Законот за заштита на нацијата (ЗЗН). Габровски тврди дека Евреите имаат „еден национален фанатизам“. Како министер тој се прознесува против интернационализмот и космополитизмот. А, тоа всушност се два основни признаци на фашизмот – антилиберализам и антидемократичност, како и антикомунизам. Тој тврди дека „либерализмот… е националното верување на Евреинот… тоа е неговата национална црта“.
По усвојувањето на Законот за заштита на нацијата (ЗЗН), донесени се уште седум антиеврејски закони, создаден е специјален Комесаријат за еврејски прашања, се спроведува масовно затворање на Евреи, најмногу во големите градови, првенствено Софија, околу (около 20.000), дури се врши и масовна преселба и забрана за Евреи да живеат во централните делови на некои градови, па дури и само да влезат во тие централни градски делови. Принудувани се на вршење на работни дејности под капата на трудови армии, носат жолти ленти, на вратите од нивните домови има натпис дека „тука живеат Евреи“, се одзема еврејскиот имот, се испраќаат Евреите од Тракија и од Македонија во логорите на смртта во Полска и т.н.
За милиони обични луѓе, кои живееле во Бугарија во периодот од 1923 до 1944 година (според академик Г. Марков), имало фашизам и фашисти. Има и одложена антифашисичтка борба и победа на антифашистичкиот Национален фронт. Сега се премолчува учеството на Бугарија во Втората светска војна, бомбардирањето на бугарските градови, партизанското антифашистичко движење, масовниот фашистички терор. Во Париз, при склучувањето на мировните договори во 1947 година, Бугарија е разгледувана како фашистичка држава – сателит на нацистичка Германија. Во земјата имало многубројни убиства на партизани, комунисти и ремсисти (припадници и членови на Работничкиот младински сојуз во Бугарија), на стотици малолетници и деца, момчиња и девојки, одсекувани и расфрлувани партизански глави…
Негирањето на фашизмот говори само за преродба на фашизмот во нова форма – Неофашизам, често прикриван под превезот на краен национализам.
Автор: Анко ИВАНОВ, д-р по философиja за Дума.бг