Неидентификуван летечки објект влегол во воздушниот простор на членката на НАТО Полска во петокот наутро од правец на границата со Украина, соопшти Оперативната команда на полската армија.
„Утрово, неидентификуван воздушен објект навлезе во воздушниот простор на Република Полска од страната на границата со Украина и од моментот кога ја премина границата до исчезнувањето на сигналот, беше забележан од радарите на системот за противвоздушна одбрана на земјата“, соопшти полската команда.
Како што е наведено, во согласност со досегашните процедури, „оперативниот командант на вооружените сили ги мобилизирал силите и средствата со кои располага“.
Истовремено, портпаролот на оперативната команда, Јацек Горишевски, изјави за телевизискиот канал TVN дека војската ги ставила своите сили и системи за противвоздушна одбрана во состојба на висока готовност и ги проучува поединостите за инцидентот.
Тој не можел да одговори на прашањето дали летачкиот објект паднал на полска територија или го напуштил нејзиниот воздушен простор.
„Сега се утврдуваат сите детали. Ги проверуваме сите можни опции, вклучително и пребарувања. Засега сè е во фаза на истрага и не можам да кажам ништо повеќе. Сите сценарија се возможни“, рече Горишевски.
Радио станицата RMF FM повикувајќи се на изјави на очевидци кои живеат во регионот Долхобичов во војводството Лублин, извести дека воздушниот објект летал „со голема брзина, со силна бука и свиреж“. Според радиостаницата, во околината на Замошч се трага по остатоци од објектот.
Приватната телевизија TV Republika објави дека по објектот се трага во близина на градот Хрубиесов во јужна Полска. Агенцијата Reuters наведува дека не можеле веднаш да ја потврдат оваа информација.
Полскиот претседател Анджеј Дуда му телефонираше на министерот за национална одбрана Владислав Косињак-Камиш поради инцидентот и закажа итен состанок со военото раководство на земјата, јавуваат полските медиуми.
Русија изврши воздушен напад во текот на ноќта против Украина, испраќајќи 158 беспилотни летала и проектили во најголемиот воздушен напад од почетокот на сеопфатната инвазија, насочени кон критичната инфраструктура, индустријата и воените објекти, соопшти претходно во петокот украинската војска.
Ова не е првпат проектили кои пристигнуваат од Украина да бидат откриени на полска територија. Така, во ноември минатата година во Пржеводов, недалеку од границата меѓу двете земји, се урна украински проектил при што загинаа две лица. Во првите моменти од тој инцидент властите во Киев, вклучително и претседателот Володомир Зеленски кој тогаш присуствуваше на самитот со челниците на земјите од Г7 тврдеа дека станува збор за руска ракета со која Русија ја нападнала Полска како членка на НАТО, но САД и претседателот Џо Бајден веднаш реагираа со спротивно тврдење и повикаа на претплазливост при лиферувањето такви информации.