Неидентификувани дронови над полигон на германскиот Бундесвер

Непознати беспилотни летала биле забележани над полигонот на германската армија Бундестверот во Вилдфлекен во сојузната покраина Баварија, каде што припадниците на украинската војска се обучуваат за управување и користење на оклопното возило „Dingo“, објави во неделата германското издание на весникот Business Insider.

Инцидентот се случил ноќта меѓу 30-ти септември и 1-ви октомври, кога неидентификувани лица се обиделе да шпионираат на полигонот на Бундесверот во Вилдфлекен со помош на беспилотни летала, пишува весникот повикувајќи се на германското Министерство за одбрана од каде, исто така, потврдиле дека покрената истрага.

Според информациите до кои дошол Business Insider, вкупниот број дронови кои се појавиле над воениот полигон достигнал 12 летала.

На полигонот, кој се наоѓа во планинската област на Баварија на границата со друга сојузна покраина Хесен, украинската војска се обучува за управување и одржување на оклопните транспортери „Dingo ATF“, од кои педесетина наскоро ќе бидат испорачани на Украина.

На крајот од август германските медиуми, повикувајќи се на извори во националното контраразузнување, објавија дека неидентификувани возила била забележани пред воените објекти во Граденвер во Баварија и во Идар-Оберштајн во Рајнската област – Пфалц, каде што инструктори од американската и од германската војска ги обучуваат украинските војници за користење напредни западни оружја. Тогаш беа изнесени сомневањата дека веројатно биле користени скенери за снимање податоци од мобилните телефони на украинските резервисти, како и дронови.

 

Ва мај во Германија се водеше остра дебата околу обуката на украински војници во ракувањето со западните вооружувања и тоа на територијата на земјата и дека според меѓународното право може да се третира како учество во самата војна, како што тогаш заклучи Научниот одбор на Бундестагот.

„Постои научен консензус за тоа дека самата испорака на оружје не претставува чин на влегување во воените случувања. Но кога испораката на оружје ќе се поврзе со обуката врзана со испорачаното оружје можеме да говориме за напуштање на сферата не неучество во војна“, беше наведњно во вештачењето на стручниот одбор на германскиот парламент.

Правниот статус „неучество во војна“, како што натаму се наведува во стручното толкувања, последните години во меѓународното право го заменил поимот „традиционална неутралност“, во прв ред за да им се овозможи помош на државите кои се под удар на странска агресија, како што е моментално случајот со Украина.

Вештачењето под наслов „Правни прашања на воената помош на членките на НАТО на Украина меѓу неутралноста и учеството во судирот“, било составено уште во март пред одлуката на Бундестагот на Украина да ѝ се испорача офанзивно и тешко вооружување, што претставуваше пресвртница во долгата политика на Берлин да не испорачува воена опрема во зоните на конфликти.

Научниот одбор на Бундестагот го сочинуваат научници од различни области коишто на германскиот парламент му помагаат во решавањето на сложените прашања.

Американското министерство за одбрана кон крајот на април објави дека обуката на украинските војници за користење на западните вооружувања, меѓу другото, се спроведува и во американските воени бази на територијата на Германија.

Германската министерка за одбрана Кристен Ламбрехт во април, којашто доаѓа од владејачката Социјалдемократска партија на Германија (SPD) која е во коалиција со Зелените (Bündnis 90/Die Grünen) и Слободните демократи (FDP) потврди дека обуката на украинските војници се врши во американската воздухопловна база Рамштајн во југозападна Германија, како и дека Германија „засилено ќе се вклучи“ во обуката на Украинците, особено кога станува збор за користењето „артилериско вооружување“.

Опозициската парламентарна партија Левица (Die Linke) ја критикуваше одлуката за обука на украинските војници на германска територијата оценувајќи дека Германија со тоа „цела Еврoпа ја доведува во опасност“.

„Одлуката на владините партии и демохристијанската опозиција на Украина да ѝ се испорача тешко вооружување, како и да се овозможи обука на украинските војници во Германија, ја прави Германија активна учесничка во војната“, изјави за медиумската мрежа RND, Жаклин Настич, родена во Полска инаку претставничка на партијата Левица во комисијата за одбрана на Бундестагот.