Дел од мерките кои опозициската СДСМ ги предлага во програмата Решенија за Македонија, всушност беа предизборни ветувања на партијата во 2002-та кога ги доби изборите, пишува „Економски“.
Но, иако ги доби изборите и имаше шанса, СДСМ не ги реализираше проектите кои ги вети пред граѓаните.
Една од мерките кои тогаш беа ветени беше повратот на ДДВ која сега повторно се актуелизира. Затоа се добива впечаток дека партијата само ја ископирала програмата која пред 11 години ја состави старото раководство предводено од Бранко Црвенковски.
Мерките кои партијата ги ветува денес во областите на економијата, инфраструктурата, образованието и социјалната политика наликуваат или пак се исти со предизборните ветувања од 2002-та.
Еве што ветуваше СДСМ во 2002, а што ветува сега:
СДСМ во 2002 вети:
Владата на СДСМ ќе изврши контрола на досегашните приватизации и приватизациски зделки. Тоа нема да биде направено со цел тие да се оспорат, туку со цел да се утврди дали биле направени во согласност со важечките закони и дали во тој процес била оштетена Република Македонија и нејзините граѓани. Доколку се утврди дека законите биле прекршени или се утврди дека приватизацијата е направена на штета на Република Македонија и нејзините граѓани, ќе се преземат мерки за повторување на приватизациската постапка. Некои од почнатите приватизациски проекти кои не се довршени или се во процес на приватизација ќе бидат привремено запрени со цел новата влада одново да ги проучи и преиспита, а доколку продолжат – ќе бидат усогласени со политиката на владата во јавниот и во комерцијалниот сектор.
СДСМ сега ветува:
Опозицијата бара криминалот направен со приватизацијата да не застарува, а за таа цел СДСМ во Собранието иницираше измена на Уставот со која ќе бара да нема застарување на сите евентуални кривични дела направени во процесот на приватизирање на поранешните општествени и државни претпријатија.
СДСМ во 2002 вети
Ќе отвори циклус на нови инвестирања, особено во помали хидромелиоративни системи, а особено ќе се потикнуваат вложувањата во наводнување по системот “капка по капка”; и ќе продолжи поинтензивно да ги насочува средствата во решавање на проблемите со водоснабдувањето, особено на селските населби, со здрава вода за пиење.
СДСМ сега ветува
Секоја година ќе издвојуваме средства од буџетот што ќе се инвестираат во капитални системи за наводнување. Недостатокот од вода во земјоделството, особено во летниот период е услов за високо продуктивно и конкурентно земјоделство. Сушата, високите температури и покриеноста на површините со само 25-30% ја наметнуваат оваа мерка како неопходна. Затоа, ќе ја зголемиме искористеноста на постоечките системи за наводнување и ќе изградиме нови водни акумулации што ќе ги прибираат водите од сите сливови. Ќе се формираат водостопанства и водни заедници на територијата на целата држава, со што управувањето со системите за наводнување и одводнување ќе помине во рацете на крајните водокорисници и ќе се обезбедуваат максимално ефектни услуги, по европски терк. Ќе субвенционираме 30% од трошоците за бушење нови бунари за наводнување на површините со земјоделски култури.
СДСМ во 2002 вети
Субвенции-Во функција на модернизацијата на македонското земјоделско производство и зголемувањето на продуктивноста и квалитетот на производите, Владата на СДСМ, врз основа на условите и целите утврдени во Спогодбата со ЕУ и со Светската трговска организација, ќе изготви Проект за финансиска поддршка на земјоделството
СДСМ сега ветува
Сигурни и навремени субвенции со еднаков пристап до сите при доделување на субвенциите
Субвенции со одредена динамика на исплата, тогаш кога на земјоделците најмногу им се потребни. Овој начин на добивање средства ќе го постигнеме со уредување на исплатата во одреден период од годината, кога таа ќе се врши: сточарите во јули, после жетва кога добиточната храна е најефтина за да можат да купат храна за зимата; полјоделците во септември за да се подготват за сеидба на житните култури; лозарите и овоштарите во февруари, пред почеток на нова реколта; градинарите во март, пред сеење или расадување; тутунопроизводителите по завршувањеа на откупот на тутунот.
СДСМ во 2002 вети
Реафирмација на статусот на наставниот кадар. Наставниците се средишен столб за квалитетното функционирање на образовниот систем, и особено за преточување на саканите промени во образовната практика.
СДСМ сега ветува
Ќе воведеме нови звања за наставниците во основното и средното образование.