Компанијата Макпетрол информира дека државната ЕСМ, која сега е одговорна за обезбедување на парно греење за скопјани, не ја прифатила, односно бне ја потврдила нивната понуда за набавката на потребните количини, која била со рок до вчера, 17 октомври.
Тоа значи дека, Макпетрол нема да го набави гасот од руски „Гаспром“ за топланите Исток и Запад, односно дека власта потребните количини ќе треба да ги набави од друг извор.
„Сè понеизвесно е прашањето за производство на топлинска енергија и загревање на објектите во градот Скопје за месец ноември, од причина што грејната сезона започна на 15-ти октомври. Макпетрол АД ја известува пошироката јавност дека минатата недела, на 12-ти октомври, достави Понуда до АД ЕСМ за количините потребни за топланите Исток и Запад за месец ноември. Крајниот рок за прифаќање на понудата од страна на АД ЕСМ измина на 17-ти овој месец, за што дотогаш компанијата Макпетрол АД мораше да ги најави и да ги плати потребните количини кај својот добавувач. АД ЕСМ до вчера не ги потврди потребните количини, поради што Макпетрол ги најави останатите количини за своите потрошувачи, без оние потребни за производство на топлинска енергија за топланите Исток и Запад“, соопштија од АД Макпетрол.
Владата деновиве соопшти дека се очекуваат две до три понуди за снабдување со гас за месец ноември, откако тие официјално ќе пристигнат деновиве, а потоа ЕСМ ќе направи избор, според понудената цена, но и врз основа на тоа дали одредена компанија ќе може да понуди и да гарантира фиксна цена на гасот за период од шест месеци, независно од светските берзи.