Неизвесност во украинското министерство за одбрана додека Киев очекува руска офанзива

Украинските власти испратија во понеделникот двосмислени пораки во врска со судбината на министерот за одбрана Олексиј Резников за кого во неделата беше објавено дека ќе биде отстранет од должноста, во моментот кога Киев смета дека се очекува голема руска офанзива.

Неизвесноста за натамошната политичка судбина на Резников, по притисоците врз него за голема корупција во неговиот ресор особено во поглед на набавките на храна за воените единици, е првиот знак за сериозна збрка во украинскиот државен врв, кој досега оддаваше впечаток на силно единство, коментира Reuters.

Ден откако објави дека Резников ќе биде сменет и ќе биде поставен да го води ресорот на стратешката индустрија, Давид Арахамиа шефот на пратеничката група на партијата на претседателот Володомир Зеленски – Слуга на народот, во понеделникот ја повлече изјавата велејќи дека оваа седмица нема да има промени во одбранбениот сектор.

Зеленски не се огласи во врска со оваа изјава на неговиот близок соработник Арахамиа, а Резников дури доцна ноќта во неделата изјави дека не е известен за тоа и дека ќе ја одбие должноста министер за стратешките индустрии доколку му биде понудено.

Оваа нејаснотија се смета за кулминација на чистките во украинското водство од пред две седмица, наводно во справувањето со длабоко вкоренетата корупција. Меѓутоа, некои политички коментатори и во Киев сметаат дека тоа се користи и за отстранување на некои влијателни личности кои би можеле да го загрозат влијанието на Зеленски.

Од должностите во изминатиот период се отстранети функционери на централните и регионалните власти, вршени беа претреси во дом на еден олигарх кој порано ги финансирал јуришните одреди на ултранационалистите и неонацистичките движења кои украинската војска ги вклучи во Националната гарда, откако беа сменети судии од судот за корупција во Киев, а обвинителството објави дека е извршена голема измама во најголемата државна нафтена компанија и рафинерија, а на некои од поранешните политичари има беа одземени украинските државјанства под обвинение дека соработувале со Русија.

Зеленски во врска со тие постапки рече дека сака да покаже дека Киев може сигурно да управува со милијардите долари западна помош во оружје и во пари. Но украинскиот претседател досега не објасни како ги стекнал своите големи средства во офшор компании како што покажаа своевремено Панамските документи, како и вилата во Италија.

Во меѓувреме откако Киев почна да признава дека руските војски остваруваат бавни но континуирани напредувања на фронтот во Донбас, украинските власти велат дека Русија се подготвува за голема офанзива.

Резников, 56-ггодишен адвокат по професија, ја претставуваше Украина на меѓународни состаноци, кога сојузниците ги ветуваа милијардите долари помош во оружје беше топло дочекуван во западните престолнини, а последен пат тоа се случи минатата седмица во Париз.

Иако во министерството за одбрана се спроведуваат истраги за корупција, на пример за склучениот договор со преголеми цени за храната за војниците, Резников лично не е обвинет.

Арахамиа најавувајќи ја смената на Резников изјави дека министерството за одбрана ќе го води Кирило Буданов, шеф на воено-разузнавачката агенција ГУР. Но во понеделникот два влијателни пратеници, кои барале да бидат анонимни, рекле дека министерот за одбрана мора да биде цивил, додека 37-годишниот офицер Буданов не е тоа во моментов.

Политичкиот аналитичар од Киев, Володомир Фосенко, за Reuters рекол дека очекува Буданов да побара на пензионирање во војската пред да биде именуван на новата должност а не прецизира дали постои временски рок поранешно воено лица да мине како цивил пред да стане министер во безбедносниот сектор. Според него, Резников би можел да ја добие должноста специјален пратеник, со што би било искористен неговото реноме на западот. „Сѐ ќе се реши“, рекол Фесенко за Reuters.

Украинското министерство за одбрана не одговорило на барање за коментар во врска со Резников, а Reuters не успеал директно да стапи во контакт со него, ниту со Буданов.