Некогашниот моден магнат Петер Нигард виновен за сексуално злоставување

Поранешниот моден магнат Петер Нигард, кој има финско и канадско државјанство, во неделата во Торонто е прогласен за виновен за сексуално злоставување на четири жени.

По седумнеделното судење и петдневното советување, поротата оцени дека не е виновен за сексуално злоставување на жената која беше сведок на судењето, и дека не е виновен за присилно задржување.

Шесте точки од обвинението против поранешниот моден тајкун кој сега има 82 години, се однесуваат на четири жени и 16-годишна девојка, за дела сторени во периодот меѓу 1988 и 2005 година.

На излегувањето од зградата на судот, Брајан Гринспен, адвокатот на Нигард, за новинарите изјавил дека не ја исклучува можноста од вложување жалба.

Казната за финско-канадскиот милионер ќе биде одредена дополнително.

Покрај во Торонто, на поранешниот моден креатор ќе му се суди во уште две канадски покраини, во Квебек и Манитоба, за слични тужби.

Покрај тоа, предвидена е и негова екстрадиција во САД, каде што е обвинет за рекетирање и за трговија со луѓе поради сексуално искористување, за дела сторени од 1990 до 2020 година.