Повеќе од 12 милиони деца на Блискиот Исток не одат на училиште, соопшти денеска Фондот за деца при Обединетите нации (УНИЦЕФ).
Во оваа бројка не се земени во превид децата кои се принудени да го напуштат училиштето поради конфликтите во Сирија и Ирак. Со нив бројката би изнесувала 15 милиони, прецизира УНИЦЕФ во извештајот презентиран во Бејрут.
Според извештајот, 4, 3 милиони деца не посетуваат основно училиште, додека 2,9 милиони не одат во средно училиште. Дополнителни 5,1 милион деца не одат во предучилишни установи.
Според тоа, бројката од 12 милиони деца претставува околу 15 отсто од децата на Блискиот Исток.
Во извештајот на УНИЦЕФ кој е изработен во девет земји од регионот, се наведуваат и причините поради кои овие деца се надвор од образовниот систем. Во најголемиот број случаи, најголем проблем е сиромаштијата, односно трошоците околу школувањето на децата.
Поради тоа, многу семејства, одлучуваат да ги вработат своите деца, се вели во заклучокот на извештајот.