Неколку убиени во пукање во Канада

Неколку лица се убиени во масовно пукање во понеделникот утрото по локално време во канадската провинција Британска Колумбија, а според телевизијата CBC станува збор за случај кога неидентификуван маж отворил оган врз бездомници во градот Ленгли.

Локалната полиција претходно издаде итно предупредување поради повеќекратно пукање во градот Ленгли и побара од  жителите да бидат претпазливи и да ја избегнуваат областа во којашто се случило пукањето.

„Повеќе сцени на пукање во центарот на градот Ленгли со еден инцидент на поширокото подрачје на градот со жртви меѓу минувачите“, било наведено во предупредувањето испратени на мобилните телефони на жителите на Британска Колумбија.

Портпаролот на Кралската канадска коњичка полиција изјавил за телевизиската мрежа CBC дека неколку лица се убиени, но не прецизирал колку. Жртвите биле бездомници и се верува дека нападот бил со умисла, се додава во информацијата.

„Уапсивме маж“, го цитира телевизијата полицискиот портпарол. Додал дека органите на прогонот проверуваат дали тој имал соучесници или дејствувал сам. Засега полицијата нема претпоставка за можните мотиви за злосторството.