Некому мајка, некому маштеа – меѓу солидарноста и егоизмот (втор дел)

страшо ангеловски

Во минатиот текст со истиот наслов, пишував за односот на власта кон сите останати, за односот на моќните кон немоќните овде во државава, за односот на арогантните кон оние што бараат помош. Оттогаш до денес, само се потврди суштината на текстот, па тие, моќните од власта, господарите на вашите судбини, уште со некој потег докажаа дека се некому мајка, а некому маштеа. Во стилот на „тази дупка не е дупка“, објаснија дека ниту ветените 14.500 денари помош, нема да бидат толку, туку ќе бидат 9.000 денари; па, им дозволија на најбогатите, на банкарите, преку високи камати после шестмесечниот грејс период не само да си ги надоместат евентуалните загуби, туку и да спечалат на маката на економски истоштените граѓани и; конечно, воведоа уште нови 2 денари акциза на нафтените деривати, за да може оние најсиромашните, „солидарно“ да им помогнат на најбогатите да не ја почувствуваат кризата.

Суштината на денешниов текст е, преку неколку примери да го прикаже истиот таков однос во меѓународните односи, да го покаже односот на мајка и маштеа на моќните кон немоќните и да ги потврди двојните стандарди и лицемерието на меѓународна заедница, конкретно, Европската Унија, за кои сум пишувал веќе недоброј текстови. Но, истовремено, уште еднаш да ја потврди и понизноста и лицемерието на актуелнава власт во односот кон меѓународните авторитети, како и фактот дека со пренесување на дел од суверенитетот на некој центар на моќ, токму тој центар одлучува кој ќе ви биде пријател, а кој непријател, без разлика на вашите национални интереси и потреби.

За да биде појасно, ќе ја раскажам анегдотата за младото македонско момче кое некаде во годините кога тогашната СФРЈ и човекот кој „го создал македонскиот народ“, Ј. Б. Тито, го баталиле Солун и започнале битка за Трст. Момчето се наоѓало во тогашната ЈНА некаде таму на границата меѓу тогашната Југославија и Италија. Илјада километри далеку од дома, ниту знаело кој живее од таа страна на границата ниту зошто му е непријател, ама, старешината, како и на останатите, му наредил да извикне парола против „клетите“ Италијани, кои, нели, му го грабнале Трст. И бидејќи тогашен Белград, на кој Македонците му го предале суверенитетот, определил дека Бугарија е нашиот најголем непријател, па момчето учело во училиштето, нормално, според српската историја, дека токму „клетите“ Бугари се најголемата закана за него и за „татковината со Тито напред“, гласно, колку што го држело грлото, собирајќи ја сета омраза кон непријателот што му го определиле, извикало: “Италијани, мајката ваша бугарска“.

Денес, кога половина од суверенитетот веќе му го предадовме на НАТО, а другата половина, уште неосојузени, и’ ја предаваме на ЕУ, не оставајќи ги за себе дури ниту бакнатото пенкало, ниту симнатата вратоврска, повторно се наоѓаме во ситуација некој од надвор, оној на кој сме му го подариле суверенитетот, да одлучува за нашите пријателства и непријателства. Без разлика на нашите национални интереси и потреби. Згора на тоа, уште еднаш да докаже дека отуѓената власт во Брисел се уште за еден е мајка, а за друг маштеа.

Па така, после ирационално наметнатиот спор на Атина со Република Македонија, кога Брисел и покрај пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг дека Македонија не ја прекршила времената спогодба, туку тоа го прави Атина, зазеде страна и земјата членка, нашиот јужен сосед, ја стави во привилегирана состојба наспроти Македонија, земјата кандидат за членство во Унијата. Со тоа, отуѓените и скапо платени бирократи во Брисел, покажаа дека амбициите и аспирациите на една држава да стане членка на нивното „одбрано“ друштво, ги злоупотребуваат како моќно оружје во остварување на „хирови“ на држава која, според нив, има право да уценува само затоа што порано станала членка на Унијата. Па со тоа, во својство на победник, да пишува своја и да брише туѓа историја.

Деновиве, на примерот на односот на Унијата кон Република Турција, уште еднаш се потврдија лицемерието, двојните стандарди и неправдите што ние, Македонците, веќе ги доживеавме. Имено, Советот на ЕУ воведе санкции против Република Турција за нејзините сондажни операции во потрага по природен гас во слободната економска зона на Република Кипар. А, нашите подопашници од техничката Влада веднаш најавија дека ќе обезбеделе политиката на државава да биде во согласност со одлуката на Советот, односно, и тие, мајчините, ќе воведеле санкции кон Турција. Жабчињата од Илинденска бб веднаш ги кренаа нозете за да се потковуваат, извикувајќи: „Турци, мајката ваша бугарска“.

Ете така, заради туѓи интереси, во случајов оние на привилегираната Атина, македонската држава од еден докажан пријател како Турција, сака да си создаде непријател во меѓусебните односи.

Од друга страна, за да се сфати целото лицемерие и двојните стандарди на ЕУ, како и застанувањето на страната на земја членка во Унијата, во случајов повторно нашиот привилегиран јужен сосед, наспроти држава која веќе 35 години е кандидат за членство, накратко ќе го објаснам историјатот на проблемот со поделениот Кипар, на кој, во периодот од 1955 до 1974 година, се водат четири граѓански војни.

– Имено, до 1960 година Кипар бил под британска управа и на него живееле 80 проценти Грци и 20 проценти Турци. Во меѓувреме, од 1955 до 1960 година националистичкото грчко движење за обединување на Кипар со Грција – ЕОКА, ја поведува првата граѓанска војна и врши напади врз Британците и Турците, при што загинуваат 509 луѓе, а Кипар стекнува независност од Британија.

– Иако Уставот на новосоздадената држава забранувал „еносис“ (Еносис – во превод „обединување“, всушност е милитаристичко движење на грчките заедници што живеат надвор од Грција за етничко чистење на тие простори и присоединување кон грчката држава. Идејата за еносис се потпира на таканаречената Мегали идеја, иредентистички концепт на грчката држава која доминирала кај грчките политичари за време на создавањето на современата грчка држава во 1830 година, а егзистира и денес), во 1963 година кипарските Грци го отфрлаат Уставот и воспоставуваат сегрчка власт. Во декември, истата година, почнуваат втора граѓанска војна во која загинуваат околу 550 луѓе, а 25.000 кипарски Турци стануваат бегалци.

– Од 1964 до 1967 година кипарските грчки националисти и 12.000 војници од грчката армија ги напаѓаат турските села на островот, при што, во таа трета граѓанска војна загинуваат околу 600 луѓе, а дури со посредство на ОН и САД се постигнува договор за нивно повлекување.

– Во 1971 година нова грчка националистичка организација под името ЕОКА Б, поддржана од воената хунта во Атина, почнува нови терористички напади и на 15 јули 1974 година со крвав пуч го соборува дотогашниот претседател архиепископот Макариос и, за претседател го назначува Никос Сампсон, познат како предводник на масакрите врз турското население во 1963 – 1964 година. Бидејќи на повидок било жестоко насилство низ целиот остров, Турција, за да ги заштити кипарските Турци, на 20 јули извршила инвазија и зазела околу 37 проценти од територијата на северот на островот. Владата на Сампсон доживеала крах, а од егзилот во Лондон се вратил архиепископот Макариос. Околу 1.000 луѓе загинале при овој крвав пуч на грчките националисти, при што, со размена на население околу 200.000 Грци се селат на југ, а околу 60.000 Турци на север на островот.

Оттогаш, островот е поделен на грчката Република Кипар и Турската Република Северен Кипар. Европската Унија, откако во 2004 година ја прими во членство Република Кипар, ја признава државата создадена со крвав воен пуч, и со обид за етничко чистење, во кој учествувале и 12.000 грчки војници, а за злосторство ја смета турската воена инвазија заради заштита на турското цивилно население на островот. Исто како што го смета за легално протерувањето на Македонците и нивниот егзодус при етничкото чистење на егејскиот дел на Македонија при македонскиот дел од „еносис“-от.

Ова, колку да се знае кој на која страна застанувал низ историјата и на која страна се наоѓа денес. Посебно за оние кои не можат да си го доловат ужасниот лелек на македонските дечиња, пред седумдесеттина години, како опитни глувчиња бомбардирани со напалм бомбите на нашите денешни „добронамерни сојузници“.

 

Автор: Страшо Ангеловски, претседател на МААК за НетПрес