-Од самиот почеток ми е цел да не дозволам тероризирање на населението и да останам доследен кога некој ми дал поддршка за некои теми и ветувања, по ниедна цена да не ги изневерам, изјави градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски во „За или против“ на Алфа, говорејќи за последната одлука на општината да не се дозволи изградба на 12 згради во населбата Црниче.
Ѓорѓиевски потенцира дека долги години Скопје и општините се узурпираа на начин на кој на крајот граѓаните дознаваат што се случува и ќе се случува и посочи дека тоа е некоректно и дека градоначалниците од ВМРО-ДПМНЕ покажуваат дека можело поинаку и да им се излезе во пресрет на граѓаните.
-Од самиот почеток, веќе две и пол години гледам да имам конзистентен став по сите прашања и ветувања пред граѓаните пред кои сум се обврзал и добил поддршка. Така беше во случајот со Расадник каде до крај останавме доследни и спроведовме меѓународен конкурс за идејно решение и спречивме бетонско чудовиште, благодарение на граѓаните. Останавме доследни за Црниче и Пржино за тоа што граѓаните го бараа, тие беа тероризирани години наназад со прекумерна градба, на секое ќоше се градеа по повеќе од 20 станбени единици, а условите таму ги знаеме, инфраструктурата е за индивидуално домување. Последниот случај беше во фокус на населението каде се планираше изградба на 12 згради, но единствено нешто што таму е можно да се направи е постоечкиот објект да се реконструира, изјави Ѓорѓиевски.
Тој нагласи дека нема да дозволи едно поубаво место во Скопје да се претвори во урбана џунгла каде утре не може да функционираат ниту тие што би биле потенцијални жители, ниту останатиот дел на населението.
-Ние како политичари треба да бидеме тие кои ги задоволуваме нивните потреби, да ги подобруваме условите за живот. Тоа не се случуваше, но ние сме една млада генерација на ентузијасти кои треба да покажеме поинаков начин на водење на општините и тоа го покажуваме во пракса, дека може, рече Ѓорѓиевски.
Нагласи дека тоа исполнувањето на ветеното кон граѓаните и доследноста може да се види и по резултатите на последните избори, затоа што народот знае добро да вреднува.