Во дел од медиумите беше објавено дека скратен е додатокот од 6.000 денари што им се дава на лицата со Даунов синдром.
На оваа информација, силно реагираше Денис Јанкуловски, вработен во Центарот за јавно здравје, повеќе познат како „Космонаутко“, кој за време на корона кризата, внесе насмевка во секој дом каде одеше да земе брисеви.
„Вчера во мојот пост упатив апел и до инстутциите за поголемо почитување на лицата со атипичен развој. Апел со надеж дека сепак ќе се подобри ситуацијата на сите.
Денес дознавам дека настанале измени при доделување на додатокот што го примаат децата со Даунов синдром.
Читам дека на децата со Даунов синдром и со лесна попреченост им бил скратен додатокот кој законски им следува или како што вика Domnika M. Kardula – нема повеќе да бидат товар во буџетот. Уф, како грубо звучи, ама е реално и треба да звучи затоа што финоќата не допира до нив.
Читам дека одбиени се и деца со ретки болести и тоа најтешки хронични.
Читам, слушам и не ми се верува, си викам во овој Атлантско-Тихи океан од лажни вести со кои секојдневно се соочуваме – ма НЕМА ШАНСИ. Па на сите политичари, на сите Министри, на сите Институции лицата со попреченост им се ако не први тогаш во првите 3 точки на дневен ред, особено кога има избори. Секогаш!!! Секогаш ги кажуваат во спотови, секогаш се сликаат со нив сакајќи да покажат дека им се другари, секогаш ги прегрнуваат за да ја покажат својата симпатија кон нив, дека ги прифаќаат, почитуваат, секогаш овие лица им се пред се. На сите Влади, на сите партии.
Си викам, ај можеби е само лош сон, еден од оние илјадници на кои им се надеваме веќе 30тина години и кои по правило никогаш, ама буквално НИКОГАШ не се лош сон туку страшна, болна, сурова реалност.
Па се прашувам како е правилно:
МКФ или WTF???
Се прашувам зошто ранливите категории ги до рануваме како држава? Кај се` уште се борат (и ние со нив) да покажат дека се тука, дека имаат исти права како и секое дете, па на целата таа мака кога тие макотрпно и долгогодишно едвај ќе успеат да остварат некое свое право – наеднаш го укинуваме. Сите политичари (ах, колку ме боли кога велам политичари а тие не се ни бизнисмени туку дрчнати, алчни за пари, за пари и за уште пари, за многу пари) секогаш кога се работи за нивните ненаситни газови се едногласни, многу лесно се разбираат. Кога се работи за народот – они нису из одавде, а гласни се ко најаките JBL звучници. Во овие години на прескапотија тие ги штитат големците, буџите кои се богатат на наша сметка. Своите џебови ги полнат како даим се без дно. И спротивно на ова, им го кратат додатокот на семејствата кои живеат со Даунов синдром.
БРУКА!!!! СРАМОТА!!!!
И затоа не ми е чудно кога речиси секојдневно слушам дека и цели семејства со деца со било каква мака се селат од државава. Затоа што овде, во нашава држава додкеа се бориш за нешто подобро некој ти го крати и тоа што го имаш.
ФУЈ!!!!!
Апелот од вчера ќе го преформулирам:
Совземете се, преиспитајте се, корегирајте се. Не само за ова. За се`.
Нема да ги избркате сите од државава, иако секојдневно се трудите да го уништите духот, надежта и вербата кај многумина, за жал и успевате. Не можеме сите да си одиме. Сакаме ние да доживееме поубаво од ова, сакаме и да оставиме нешто зад нас. Ќе го направиме ова мало парче земја подобро за живеење за тие што ќе останат!“, напиша тој.