Нема да се дозволи дополнително попишување на 132.000 македонски граѓани

По барањето на ВМРО-ДПМНЕ за дополнителен попис во кој околу 132,000 бојкотирачи ќе добијат можност дополнително да ја внесат својата етничка припадност, директорот на Заводот за статистика Апостол Симовски рече дека тоа нема да се случи.

Откако базата со податоци ќе се затвори, отпосле таа не смее да се отвора и да се интервенира во неа со дополнување на податоци, изјави Симовски. Тој призна дека бојкотот на толку голем процент од жителите на Македонија – околу 7 проценти од населението – влијае на исходот на операцијата, но нема да дозволи менување на процентите кои покажаа дека Македонците паднале на околу 54 до 58 проценти од вкупните граѓани, односно жители, а Албанците се одржаа на малку под 25 проценти од населението на Македонија, и скокнаа на 30 проценти од вкупниот број граѓани. Се смета дека најголем дел од бојкотирачите се етнички Македонци.

Овие лица влегоа во податокот за резидентно население, но за нив не постојат податоци за етничка припадност, вероисповед и мајчин јазик.

„Етничката припадност е чувство, не е нешто што може да се документира, така што за овие лица прашањето за етничката припадност, мајчин јазик и за вероисповед ќе ги нема“, рече вчера директорот на ДЗС, Апостол Симовски.