Не станува збор за приватизирање на брзата помош, тоа е политички спин. Во Законот јасно пишува дека итната медицинска помош може да ја врши само јавно-здравствена установа, вели министерот за здравство, Венко Филипче.
Во изјава за Слободен печат, Филипче посочи дека покрај јавно здравствената установа, итната медицинска и стоматолошка помош ја прават и приватните установи „Неуромедика“, „Жан Митрев Клиник“, а со транспорт сега започнува и „Никоб“.
– Ние само го озаконуваме тоа што фактички на терен се случува. Приватниот транспорт кој сега граѓанинот го повикува, го плаќа од сопствен џеб и така ќе продолжи тоа. Фондот за здравство нема да ги преземе тие обврски, вели министерот.
Тој појасни дека граѓаните нема да имаат никаков трошок што досега го немале.
– Ние сега го ставаме во закон, она што со години наназад на терен се случува. Каде е тука приватизацијата?, вели Филипче.
Министерот за здравство изјави дека по состанокот на Комисијата за здравство во Собранието, тој имал консултација со пратеничките групи на ДУИ, Левица и ВМРО-ДПМНЕ при што им ги објаснил промените. Тој додаде дека се сложиле следниот петок, во Собрание да биде организирана јавна дебата за сите измени на Законот за здравствена заштита.
– Им објаснив на сите пратенички групи дека не станува збор за приватизација и мислам дека разбраа, вели министерот.
Претходно, Законот за здравствена заштита беше блокиран во Собранието, поради поднесените 1200 амандмани од политичката партија Левица, со што се спречи овој Закон да биде изгласан.