„Во координиран настап со ЈП Железници инфраструктура, а по сознанијата изнесени во јавноста одлучивме да ги повлечеме членовите од Комисијата за евалуација предложени од Министерството за транспорт и Железница за јавниот повик за изградба и надзор на третата фаза пруга кон Бугарија“, потенцираше на денешната прес-конференција заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Министерот истакна дека постапката и проектот се веќе компромитирани и ова е единствена правилна одлука за да се спречи корупцијата за што веќе јавноста е запозната.
„Ова е начинот како се бориме против корупцијата и криминалот и ова е порака до сите што сакаат да направат поткуп дека оваа Влада нема да толерира вакво нешто“, истакна министерот Николоски.
Тој очекува дека во соработка со новата влада на Бугарија, ЕУ и банките што го кредитираат овој проект ќе се направи нов изводлив на терен проект.
„Нема да дозволиме несериозни компании само да влезат и да си го земат авансот или дел од средствата. Ние остануваме целосно посветени на изградба на пругата кон Бугарија како дел од Коридор 8, но за тоа да го направиме мора да имаме проект кој е изводлив, може да се изведе на теренот, проект кој што може да биде завршен и проект за кој ќе имаме договор со Бугарија, а не проект кој ќе завршува во тунел и нема да оди од другата страна. За истото разговаравме со претставници од ЕУ, ЕБРД и ЕИБ и очекувам во една заедничка соработка меѓу сите овие институции и владата на Бугарија да изработиме проект, проект кој ќе значи изградба на пруга кон Бугарија, затоа што овој проект што го имаме не е реален, не е изводлив и не може да биде завршен бидејќи ова претставува и градежен подвиг каде треба да се изградат 22 тунели и 55 моста на делница од 23 километри, прескап е и околу 20 милиони евра по километар, а Бугарија ја нема завршено нивната работа бидејќи проектот завршува во тунел и не води никаде.Сакаме сериозен проект, изводлив на терен и јасни гаранции дека Бугарија има намера да ја гради пругата”, изјави заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.
Тој додаде дека нема да се дозволи да се трошат пола милијарда народни пари за сегашниот проект за кој веројатноста е дека никогаш нема да се реализира.