Нема датум за Западен Балкан: Хрватските медиуми добиле увид во нацрт-заклучокот од самитот ЕУ-ЗБ

Хрватските медиуми објавуваат дека добиле увид во нацрт-заклучокот од самитот ЕУ – Западен Балкан, кој започнува во Словенија.

Едно од прашањата на тој самит секако е прашањето дали земјите од Западен Балкан воопшто имаат шанса да се приклучат на Унијата, откако се појави документ според кој Брисел нема намера да прифати членство на државите од овој регион.

Претходно се појави информација за словенечки предлог, според кој официјална Љубљана сака да го внесе Западен Балкан во ЕУ до 2030 година – како краен рок до кој земјите што се во статус на преговори треба официјално да влезат во тој блок.

Сепак, самитот сеуште не е започнат, а веќе има нацрт заклучок од него во медиумите.

Како што пишува хрватскиот весник „Јутарњи лист“, наведувајќи дека како ексклузивност имал увид во нацртот на тој заклучок, во тој текст „нема датум за проширување на Европската унија“.

Според весникот, лидерите на ЕУ го отфрлиле предлогот на Словенија за 2030 година, така што „нема датум“. Во текстот се истакнува дека нацрт -заклучокот всушност е како копија на текст објавен од новинската агенција „Ројтерс“ на 28 септември, годинава, а според кој Европската унија повеќе не може да гарантира идно членство за шесте земји од Западен Балкан“.

„Јутарњи лист“ потсетува дека ЕУ отфрли јасен рок за членство во ЕУ, по приемот на Романија и Бугарија, бидејќи двете земји, кога нивниот датум на пристапување беше одреден во 2007 година, престанаа со скоро сите реформи.

Најновиот документ започнува со вообичаената фраза, колку е важен Западен Балкан, а потоа следува делот за условите за членство во ЕУ, според новата методологија. Народно кажано, кога ќе ги решиме своите проблеми, а има и такви, дури тогаш можеме да зборуваме за вашиот влез“, пишува хрватскиот весник.