Нема дилема – платформата на албанските партии е изготвена во Тирана

Официјална Тирана има подготвено нацрт документ за албанските партии во Македонија. Вака албанските медиуми ја најавуваа декларацијата на албанските партии од Македонија уште кон крајот на минатата година, по средбата на четворицата албански лидери со албанскиот премиер Еди Рама, објави ТВ Нова.

Ова претставува несоборлив доказ дека корените на декларацијата на албанските партии во Македонија, лежат токму во средбата на Рама со албанските политичари од Македонија, каде било договорено што се ќе содржи таканаречената албанска платформа.

Албанските партии во Македонија, тврдеа дека платформата е смислена и срочена во Скопје, иако албанските медиуми, на 28 декември, минатата година, објавија информација, која подоцна беше пренесена од повеќе медиуми, дека платформата е составена во Тирана. Албанската влада има подготвено еден советодавен документ за сите албански партии во Македонија, каде ја пренесува својата позиција околу прашањето на албанците во соседната држава, пишуваа албанските медиуми.

Движењето БЕСА, неодамна ги негираше тврдењата дека албанската платформа е направена во Македонија, во писмо испратено до Рама, во кое се вели дека договорот, кој ги обединува албанските партии, не е напишан од Али Ахмети и ДУИ.

Документот беше објавен на 7 јануари, Божик.