Нема договор за Самуил, Бугарите велат дека постои само една вистина

„Застојот во работата на Заедничката експертска македонско-бугарска историска комисија датира од октомври 2019 година со донесувањето на „Рамковната позиција“ на Бугарија за старт на преговорите со Северна Македонија“.

Вака изјави копретседателот од македонска страна на Заедничката историска комисија со Бугарија, Драги Ѓоргиев за ТВ Телма, откако попладнево безуспешно заврши 16-тата средба. За Ѓорѓиев македонската страна од Комисијата се труди да ги апстрахира политичките влијанија иако тоа понекогаш е тешко. Тој зборуваше дека историјата може да се гледа на повеќе начини, од повеќе перспективи и дека тоа е прифатено во светот, но не и од бугарските историчари кои веруваат во само една вистина.

Тој потврди дека на дводневниот онлајн-состанок се разговарало за претставувањето на државата на цар Самуил во македонските учебници и дека не успеале да постигнат согласност да формулираат заедничка препорака за претставувањето на тој настан во учебниците.

– Разликата се состои во тоа што имаме различен пристап во претставувањето на настаните и личностите од средниот век. Тука имаме генерално многу различни пристапи, во однос на бугарските колеги и инсистирањето настаните од 10 и 11 век да се претстават во перцепција на апсолутна вистина дека постои само една вистина за тој настан и таа личност, од друга страна обидот да се претстави цар Самуил и неговото царство во сите негови различни толкувања во светската историографија остануваат главен проблем во разидувањата на македонската и на бугарската комисија – рече Ѓоргиев.

На Комисијата ѝ фали еден член од македонската страна

Во однос на тоа што македонскиот тим настапи со еден член помалку, Ѓорѓиев рече дека надминувањето на тој проблем е во тек.

– Ние работиме на тоа да се надополни Комисијата со еден член, меѓутоа денес апсолутно не беше тоа никаков хендикеп бидејќи и порано се случувало и бугарската и нашата комисија од одредени причини да работи без еден член – вели тој.

Тој најави дека до следната средба ќе работат на тоа да инкорпорираат еден член во македонскиот тим од Комисијата.

Историјата може да се гледа од повеќе перспективи, но не и за Бугарите

Министерството за надворешни работи претходно соопшти дека 16-тата средба на Комисијата за историски прашања завршила без успех и оти остануваат разликите во пристапот и разбирањето на улогата на историјата и историското образование во современите општества и градењето на добри односи ослободени од политизирање на историјата меѓу македонските и бугарските историчари.

„Пристапот кој се заснова на позитивните европски искуства и препораките на Советот на Европа и УНЕСКО остануваат основа во работата на македонската страната во Комисијата и оттука произлегуваат главните недоразбирања со колегите од Софија, кои остануваат на исклучивиот пристап кој е туѓ на современото разбирање на историското образование кое подразбира мултиперспективен и интердисциплинарен пристап. По исцрпна дискусија вториот ден покажа дека двете страни се сè уште далеку од решение кое би довело до подобрување на образовниот процес и остварување на заедничката цел градење добрососедски односи и пријателство во кое минатото и различните толкувања на историјата нема да бидат пречка“, стои во соопштението од МНР.