Собранието на Република Македонија ги донесе дополнувањата на Законот за здравствено осигурување со кое се решава проблемот на 20.000 граѓани произлезен од давање непрецизни податоци во Фондот за здравствено осигурување за остварените приходи во претходната година, пренесува МИА.
Со законското решение на Владата се врши ослободување од кривично гонење на лицата за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело по член 380 од Кривичниот законик.
Предложените измени, освен ослободување од кривичното гонење на оваа категорија лица, се предвидува и запирање на кривичните постапки кон лицата кон кои се започнати и потполно се ослободуваат од извршување на казната, се определува бришење на осудата и се укинува правната последица на осудата на лицата кон кои веќе се донесени судски пресуди.
Законот за здравствено осигурување доби поддршка од 62 пратеници. Го оценија како позитивен и во функција на заштита на граѓаните кои се социјален ризик.
Лилјана Поповска од ДОМ посочи дека со ова се исправа голема социјална неправда кон оваа категорија граѓани поради давање непрецизна изјава кон Фондот за осигурување.
– Со ова се решава еден правен проблем во кој беа западнати повеќе институции. Се случи еден одреден расчекор во работењето на повеќе институции и овие граѓани западнаа во оваа правна замка, рече Поповска.
Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ посочи дека се носи добар закон кој решава проблематика на која работеше Владата.
– Нема пратеник, нема политичка партија, медиум кој не ја увиде грешката и не застана зад овој предлог да се исправи грешката која претходно беше направена, рече Димовски и додаде дека институциите имаат капацитет да увидат и да ги исправат грешките.
Неговите сопартијци Драган Цуклев и Силвана Бонева истакнаа дека на проблемот се работеше повеќе од една година и оти е увиден на терен на средби со граѓаните.
– Владејачката коалиција е присутна постојано меѓу граѓаните и со проблемот на овие граѓани се соочивме од присуството на терен, рече Цуклев.
Бонева потенцира дека огромен број граѓани го искажале овој проблем.
Павле Трајанов поздрави што постои косензус да биде решено ова прашање кое е во функција на заштита на овие граѓани.
Како добар законот го оцени и независната пратеничка Солза Грчева.
Собранието ги донесе и измените и дополнувањата на Законот за земјоделско земјиште кои се однесуваат на усогласување со Катастарот на недвижност и постапката за давање земјоделско земјиште во државна сопственост под закуп.
Собранието на денешното продолжение на 53. седница ги донесе и измените и дополнувањата за градежно земјиште, измените на законите за високото образование и за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование, како и Годишниот извештај за работењето на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување во 2014 година.
Собранието по завршување на 53. седница ја продолжи 43. седница на која ги донесе измените на закони за судска служба и за извршување на санкциите.