![Rabota na stolb](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/01/Rabota-na-stolb.jpg?resize=696%2C522&ssl=1)
Нема критични региони без електрична енергија во земјава. Остануваат мал број села, кои се во високите планински предели и поголемиот дел се ненаселени, но се создаваат услови и во текот на денот ќе добијат и тие струја, информира денеска Игор Гиевски од ЕВН Македонија.
По состанокот на Координативното тело на Кризниот штаб за последиците по снежното невреме што денеска се одржа во Министертсвото за транспорт и врски, Гиевски истакна дека вчера попладне бил ставен во функција новиот далекувод, кој беше изграден изминатите два дена на потег Бошков мост – трафостаница Јанче, со неколку специјални столба околу Дебарското езеро.
– Од 19 часот, откако беше ставена под напон трафостаницата Јанче, почнаа да се пуштаат и 10 киловолтните изводи спрема населените места, при што уште синоќа поголемиот дел од селата добија струја, рече Гиевски.
Во попладневните часови под напон била ставена и 35 киловолтната трафостаница Луково, при што почнале со пуштање на 10 киловолтните изводи кон селата од овој регион.
– Со тоа повеќедневната акција на екипите на ЕВН Македонија во кризните региони заврши, но продолжуваме и понатаму со максимален број екипи на терен да ги санираме сите последици кои настанале од невремето. Интензивно ќе продолжиме да работиме и денеска и наредните денови за санирање и на последните ситни дефекти, кои се јавуваат на низок напон, нагласи Гиевски.
Упати благодарност до граѓаните од кризните региони за разбирањето, екипите што работеле на терен, специјалните единици на МВР, како и на членовите на координативното тело.
Дирекцијата за заштита и спасување, како што информира директорот Шабан Салиу, интервенирале при спасување на четири лица завеани од снежните врнежи во автомобил на патот Бошков Мост – село Лазарополе.
– ДЗС спаси и четири деца и едно повозрасно лице завеани во село Гари, кои беа пренесени на безбедно место, изјави Салиу.
Дирекцијата, додаде тој, интервенирала со 18 машини за чистење на снегот и со 14 камиони со околу 800 тони ризла на пунктовите на ЈП „Македонија пат“.