Интегрално соопштение на партијата Левица:
На струшкото крајбрежје периодов повторно се одвиваат интензивни градежни активности, за време на првата вонредна состојба со која се соочува Република Македонија. Додека властите воведуваат сериозни рестриктивни мерки на движење, брегот на Охридското езеро непречено се тампонира и се гради.
Ова веќе стана секојдневна слика во градот чиј градоначалник изјави дека нема дивоградби, иако состојбата на терен го покажува спротивното. Се градат цврсти објекти во забранетата зона од 50 метри, под изговорот на приватна сопственост над земјиштето, без да се има во предвид еколошката специфичност и посебниот биодиверзитет на Охридското езеро. Предводени од пазарната логика, природните богатства и ресурси наместо да се заштитат како национални добра, владејачките политики ги претворија во потрошна роба за генерирање профит на неколку поединци.
Институциите и властите со години молчат, најавеното рушење на дивоградбите никако да започне, туку напротив истото продолжува, додека и самиот градоначалник Георгиевски ја призна својата неспособност да ѝ се спротистави на урбаната мафија која е финансиер на секоја власт. Бракот помеѓу властите и локалните моќници непречено функционира кои со години неказнето, пред очите на јавноста, ги уништуваат јавните и природните добра заради лично богатење. Додека народот секојдневно е пренатрупан со скапата владина пропаганда за влез во НАТО и ЕУ и вртоглавиот просперитет кој ни претстои, социјал-демократската власт која насилнички го промени уставното име на државата не е способна ниту Охридското езеро да го заштити од криминалната урбанизација која го уништува.