Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски вели дека новиот предлог закон за легализација на нелегални објекти што беше претставен денеска со опфат на дивоградби до јануари годинава не е „шминка на законот“ што Владата го повлече во мај оваа година, посочувајќи дека низ дебатата во изминатиот период во него е ставено се што било побарано и прифатливо. Ставен е, како што рече, голем фокус на заштитените зони и подрачја.
Бочварски порача дека се прави дистинкција помеѓу оние што граделе според закон и тие што ги заобиколиле постапките за градење, со тоа што се воведува казна за нелегално градење, односно за 50 проценти повисок надомест за комуналии за објекти до 80 квадрати и за 100 отсто над 80 квадрати.
-Целта на овој закон е прво секој оној којшто изградил објект надвор од редовната постапка по Законот за градење да плати пенали или повисоки комуналии кон матичната општина за 50 проценти до 80 метри квадратни и за 100 проценти повеќе од редовните комуналии за објекти поголеми од 80 метри квадратни. Тоа значи дека во старт правиме дистинкција на оној кој работел по редовниот Закон за градење и добил одобрение за градба по таа важечка регулатива. Сите оние кои ќе тргнат по овој закон нема да биде како претходниот или првиот закон од 2011 легализација за едно евро за метар квадратен, бидејќи тогаш беа на некој начин финансиски наградени тие што оделе спротивно на Законот за градење. Денеска ќе бидат казнети со 50 односно 100 проценти како казна заради тоа што не го почитувале Законот за градење, рече Бочварски.
Направивме, посочи тој, максимум во делот и на заштита на правата на граѓаните и на казнување на оние што тргнале по ваква постапка и да не го почитуваат Законот за градење.
-Сепак тргнуваме од фактот дека во државата имаме фактичка состојба и оти треба да бараме решенија. Такви објекти во државата несомнено постојат, не се впишани во ниту еден регистар ниту во Катастарот, нивните иматели не плаќаат имот. Ставајќи ги во правна рамка ваквите објекти што ги исполнуваат овие критериуми и услови ги ставаме во правниот систем на државата, да постојат во евиденција на државата, да плаќаат даноци, да платат комунален надомест со казна или пенали, рече Бочварски.
Тој оцени дека ова е добро решение за да се решат голем дел од проблемите на граѓаните. Во текот на дебатите секаде провејувала констатација дека ваков закон е потребен и треба да се донесе со максимални ограничувања за да се решат голем број прашања. Бочварски посочи дека следен филтер е Собранието каде ќе се дискутира по законот што ќе се носи во редовна постапка и ќе може да се надгради и подобри.
Регистар на бесправно изградени објекти ќе ги има, како што рече, кога овие објекти ќе бидат впишани во Катастарот. Не можеме да им наредиме на општините од позиција на Влада туку можеме само да им препорачаме да влезат во постапка на нивно евидентирање. Самата пријава на граѓаните кои се иматели на вакви објекти ќе покаже колку вакви објекти има, потоа институциите ќе решат кои од нив може да бидат ставени во правна рамка, а кои не.
-Направивме голем број ограничувања, на пример во аспектот на културата, така што објекти што се изградени на локации на поединечни добра, археолошки локалитети, е недозволиво. Тие нема да можат ниту да поднесат барања, секако и во заштитеното подрачје на УНЕСКО на старото градско јадро на Охрид, секако и во делот на животната средина, изземени се зоната на заштитен појас и зоната на строга заштита. Сите овие објекти се целосно исфрлени од овој закон и за нив ќе следува постапка за отстранување од страна на општините или надлежните институции, рече Бочварски.
Во одговор на новинарско прашање тој информира дека верските објекти се исто така ставени во процедурите на овој закон и ќе може да се легализираат без притоа да бидат платени комуналии.
Прашан дали останува можноста советите да одлучуваат по однос на одредена дивоградба, министерот рече дека спречуваат да се легализира каков било објект надвор од намената на зоната на ГУП, освен за индивидуални станбени куќи каде што ќе одлучува советот на општината дали во иднина ќе ги вклопи во урбанистичката документација или не.
-И овде имаме дополнително затегнување на законот и на можностите, што значи дека за објектите што се наоѓаат во рамки на Генералните урбанистички планови, таму ќе може да се легализираат само објекти што се наоѓаат во комплетната намена на зоната на тој ГУП како што е зададена со ГУП-от. А секако освен за ова, има исклучок за станбените куќи со А1 намена, каде што ќе се изјаснува Советот. Така што, во ГУП спречуваме да се легализира каков било објект надвор од намената на зоната на ГУП, освен за индивидуални станбени куќи каде што ќе одлучува советот на општината дали во иднина ќе ги вклопи во урбанистичката документација или не, рече Бочварски.
Тој истакна дека сите најстрого заштитени зони и подрачја во државата се надвор од законот.
-Сите објекти коишто се во строга заштита и објектите во зона за активно управување не можат да бидат предмет на легализација. Тоа значи сите најстрого заштитени зони и подрачја во државата се надвор од овој закон. За останатите зони коишто се зона за одржливо користење, на пример за таквата зона секако ќе може да се поднесе барање за ставање правна рамка, но за таквиот објект и за таквото барање ќе треба да се добие дополнително освен барањето и согласност од животна средина за ваквиот објект. Така што, не се работи за шминка, се она коешто беше побарано и е прифатливо веќе гледате дека е вградено со максимален фокус на заштитените зони и подрачја на се она коешто е од интерес на граѓаните на животната средина. Апсолутно сметам дека ставивме голем фокус на заштитените зони и подрачја, рече Бочварски.
Дополнително во овој Предлог закон, додаде тој, ги ограничуваме сите објекти што се класифицирани како поединечни добра и археолошки локалитети односно објекти што спаѓаат во вакви зони и средини не можат воопшто да бидат ниту предмет на легализација.
-Ова се неколку дополнителни ставки коишто ги ставаме како ограничувања или затегнувања на Законот, за да ја заштитиме животната средина, културното наследство и секако дека ова не значи шминка, туку апсолутно ограничување на се она што ќе биде предмет на дискусија или предмет на легализација во наредниот период. Дополнително, на барање од Министерството за култура, старото градско јадро на УНЕСКО на Охрид, коешто е навистина од исклучително културно значење на државата и на регионот, исто така исклучено и исфрлено од можност за ставање во правна рамка. Ова се големи исчекори коишто ги правиме, рече Бочварски.
Изземањето на станбените згради, посочи, е исто така уште едно допојаснување и допрецизирање дека нема да дозволиме големи станбени комплекси објекти да поминуваат преку овој закон за бесправно изградени објекти.
Министерот за животна средина Насер Нуредини прашан дали дивоградбите на Попова Шапка ќе бидат дел од Законот, рече дека ќе можат да се легализираат објекти кои се во зона за одржливо користење и заштитениот појас на подрачјето. – Нормално дека Попова Шапка е во заштитениот појас на подрачјето, бидејќи ние имаме студии за развој, како Попова Шапка да биде еден ски-центар и да имаме добра инфраструктура таму за туризмот. Нормално тоа е под Општина Тетово и тие мора да информираат колку диви градби има на Попова Шапка, но ќе биде можно да се легализираат, рече Нуредини.
Со Предлог законот за бесправно изградени објекти предмет на легализација ќе бидат дивоградби изградени до 1 јануари 2021 година, со исклучок на тие што се изградени во границите на Охридскиот регион и заштитените подрачја, како и згради, доградби и надградби на згради, времени и помошни објекти.
Се предвидува скалест начин на пресметување на надоместот за легализација. За објект со површина до 80 метри квадратни висината на надоместот се зголемува за 50 проценти, како казна за бесправното градење, а за објект од над 80 метри се зголемува за 100 проценти. Во прилог на барањето, како доказ за бесправен објект ќе се земаат само предвид сметките за јавни услуги. Од надомест за легализација ќе бидат ослободени граѓани кои имаат до 180 илјади денари нето годишен приход.
Нема да може да се легализираат бесправни објекти изградени во границите на Охридскиот регион, а за кои е утврдено дека не се во согласност со Планот за управување со Светското природно и културно наследство во Охридскиот регион, изградени во граници на заштитени подрачја и тоа Зона за строга заштита и Зона за активно управување, изградени во споменичката целина на Старото градско јадро на Охрид, во подрачје на заштитено недвижно културно наследство и во подрачје во кое се врши или е планирана експлоатација на минерални суровини. Исто така, нема да се легализираат и дивоградби изградени во заштитни зони на аеродроми, во зони на гранични премини во радиус од 100 метри од граничната линија, на сообраќајници и на подрачја на кои со урбанистичките планови е предвидена изградба на објекти од јавен интерес утврден со закон, во заштитен појас на државни и локални патишта и во заштитен појас на железничка инфраструктура и на земјиште за кое во Катастарот на недвижности е запишано право на хипотека. Не може да се легализираат ниту згради, како и доградби и надградби на зградите со намена А2, како и сите видови на времени објекти (базени, гаражи), сите видови на урбана опрема и помошни објекти кои се во функција на друг објект.
Се зголемува и опфатот на граѓани и целни групи кои нема да плаќаат надомест за легализација на бесправно изграден објект. Тоа ќе бидат граѓаните со нето годишен приход до 180 илјади денари, односно 15.000 денари месечно.
Рокот за поднесување на барањето за легализација е шест месеци од денот на влегувањето во сила на законот. Еден барател ќе може да легализира само еден објект. Во прилог на барањето, како доказ за бесправен објект ќе се земаат предвид само сметките за јавни услуги.
Новиот Предлог закон за легализација е претставен по повеќе од половина година од повлекувањето од процедура на законот за оваа намена по реакциите во јавноста околу можноста за легализација на објекти во заштитените подрачја. Откако Законот не беше потпишан од претседателот Стево Пендаровски, со образложение дека текстот е во спротивност со некои од темелните вредности на Уставот, како и со уставни одредби кои произлегуваат или се во врска со темелните вредности на Уставот, Владата го повлече и најави изработка на нов.