Нема маски на отворено, полицискиот час од полноќ останува до 15 јуни

Владата попладнево ги прифати измените и дополнувањата на рестриктивните мерки согласно препораките на Комисијата за заразни болести, утврдени како предлози на 39-тата седница на Главниот координативен кризен штаб.

– Се укинува носењето заштитна маска на отворено и се препорачува да се носи кога лицата се во поголема група. Останува задолжителното носење заштитна маска во јавен превоз, такси превоз и во сите затворени простори. Се дозволува присуство на публика на спортски натпревари кои се одржуваат на отворено до 30 отсто од вкупниот капацитет на посетители. Се укинува забраната за групирање на јавен простор. Се дозволува организирање свадби, прослави, веселби на отворен простор (летни тераси) до максимум 100 лица, но не повеќе од 50 отсто од капацитетот на просторот и до максимум 6 лица на маса. Се зголемува бројот на лица на една маса во угостителските објекти од 4 лица на 6 лица со обезбедување дистанца помеѓу лицата на масата. Продолжува да важи забраната за движење од 24 до 4 часот до 15.06.2021 година – информира Владата.

На оваа седница Владата го донесе Протоколот за организирање свадби, прослави и веселби.

Владата денеска го прифати барањето на Одбојкарската федерација на Македонија претстојниот финален турнир од Европската сребрена лига за мажи, кој на 5 и 6 јуни ќе се одржи во Спортската сала „Парк” во Струмица и на кој ќе учествуваат националните селекции на Македонија, Данска, Хрватска и Унгарија, да се организира со присуство на публика со исполнет капацитет не повеќе од 30 отсто и со дистанца од 1,5 метри меѓу секој гледач.