Нема мигранти на јужната граница, викендот спречен влез на 180 мигранти

Општина Гевгелија редовно ги спроведува активностите за можен зголемен број на мигранти на јужната граница каде во моментов нема мигранти, а нив ги нема ниту во прифатниот транзитен центар „Винојуг“.

Од регионалниот Центар за управување со кризи денеска информираа дека околу 180 мигранти кои во деновите од викендов биле фатени во обид за нелегално влегување во земјава веќе се вратени назад во Грција и оти моментно гевгелискиот камп е празен.

Градоначалникот Сашо Поцков рече дека општината редовно информира за реалната состојба на јужната граница заради сузбивање на лажните вести и намалување на психолошкиот притисок.

-Како општина сме вклучени во подготовките и координацијата со институциите во системот за управување со кризи, пред се, за справување со можен зголемен бран на бегалци и мигранти. Во редовна координација сме и со Главниот штаб за справување со кризи кој редовно ја следи состојбата и дава насоки за постапување, рече Поцков.

Поради корона вирусот, кој претставува дополнителен проблем,во ПТЦ „Винојуг“ е поставен контејнер за изолација на лица од ризичните земји,а поставување на таков контејнер во кругот побара и Општата болница од Гевгелија.