Нема напредок во клучните области, заради што Европската комисија е сериозно загрижена

Македонија во последната година не постигнала напредок во ниту една клучна област од првиот кластер за преговорите што се однесува на владеење на правото, судството, борбата со корупцијата, реформата на јавната администрација и демократските институции, се констатира во Извештајот на Европската Комисија за 2023 година за напредокот на нашата земја кон стандардите на ЕУ. Главните забелешки се однесуваат на нефункционалноста на Собранието, злоупотребата на европското знаменце, измените на Кривичниот законик со кои застареа обвиненијата за висока корупција против поранешни функционери, случувањата во Судскиот совет, тапкањето во место во реформата на јавната администрација, неусвојувањето на препораките на ОБСЕ за Изборниот законик итн.

– Работата на парламентот беше нарушена со политичка поларизација, која дополнително се продлабочи, одложувајќи го усвојувањеto на многу реформски закони и важни именувања. Преговорите за пристапување во ЕУ бараaт широк консензус на големите партии и сите страни треба да почнат да се ангажираат во конструктивна и инклузивна политичка дебата. Парламентот и Владата се обврзаа да ги постават како приоритет уставните измени. Имаше прекумерна, а понекогаш и несоодветна употреба на ЕУ знаменцето за брза процедура во Собранието, заради немање на консултации и лошото планирање на законодавниот календар. Знамето на ЕУ треба да се користи кога е директно поврзано со усвојувањето на закони чија главна цел е усогласување со правото на ЕУ, а не да се скрати јавната дебата за важни прашања – се вели во Извештајот за работата на Собранието.

ЕК смета дека генерално, правната рамка е соодветна за одржување на демократски избори.

– Сепак, не беше постигнат напредок за решавање и имплементација на вонредните препораки од Канцеларијата за демократски институции и човекови права на ОБСЕ (ОДИХР) и Венецијанската комисија. Како што постојано беше споменато во претходните извештаи, изборното законодавство треба сеопфатно да се ревидира за да се решат недоследностите на навремен, инклузивен и транспарентен начин – се додава во документот.

За судскиот систем се нотира дека е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка.

– Нема напредок во однос на судството во текот на извештајниот период. Судскиот Совет треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и треба да се спротивстави на секое надворешно влијание. Контроверзното разрешување на претседателот на Судскиот совет донесе загриженост за несоодветно политичко влијание. Доцни усвојувањето на нова стратегијата за реформи во правосудството, а ограничен е напредокот во спроведувањето на стратегиите за човечки ресурси за судството и обвинителството. На ефикасноста на судството влијае тоа што немаше мерки за справување со влијанието на закажаните пензионирања. Повеќето унапредувања за повисоките судови се соочија со дополнителни одложувања – нотира Извештајот.

Понатаму, за превенцијата и борба против корупцијата се вели дека земјата е помеѓу одредено и умерено ниво на подготовка.

– Не беше постигнат напредок. Корупцијата останува распространета во многу области и е загрижувачко прашање. Се зголемија одложувања и враќањата на судските постапки од почеток за случаите со висока корупција, што резултираше со застареност на некои случаи. Кривичниот законик беше сменет со забрзана собраниска процедура. Максималната затворска казна за конкретни кривични дела поврзани со корупција беа намалени, што влијаеше за застарување, запирање или дури и прекин на голем број случаи на корупција на високо ниво, вклучително и оние од поранешната Специјално јавно обвинителство. Измените ја намалуваат способноста да се истражуваат и да се гонат таквите дела. Ова е прашање за сериозна загриженост – се вели во документот на ЕК.

ЕК оценува дека Државната комисија за спречување на корупцијата била проактивна во давањето насоки на јавните институции за спречување на корупцијата и отворила неколку случаи. Треба да продолжат напорите за подобрување на функционирањето на Антикорупциска, да им се дадат дополнително пари и да се вработат експерти.