
„Нема напредок во разговорите за законот за јавно обвинителство, изјави министерката за правда, Рената Дескоска, по средбата на работните групи.
– Разговаравме за прашања отворени од самиот почеток, меѓу кои и за статусот на предметите кои ги води СЈО. Клучните непремостливи разлики се однесуваат токму на ова прашање. Желбата на другата страна е овие предмети да не завршат ефикасно, нашите црвени линии се дека правдата мора да дојде, без разлика кој ќе ја изврши“, истакна Дескоска. Таа потсети на предлогот на Владата, статусот на СЈО да се реши преку негово спојување со обвинителството за организиран криминал.
Дескоска дода дека притворот на Катица Јанева не треба да влијае врз институцијата во која работела.
– Личната одговорност не треба да се врзува со колективната. Опстанокот на една инстутуција не треба да зависи од една личност. Секој лично ја сноси својата одговорност. Ако е така ниту една институција немаше да опстане во Македонија, имајќи предвид што се се случувало во последните 11 години, рече Дескоска.
Инаку, на затворената средба денеска за законот на ЈО присуствуваа Дескоска и Бојан Маричиќ, советник за евроатлантски интеграции на премиерот, Соња Мираковска од СДСМ, а од ВМРО-ДПМНЕ Антонио Милошоски и адвокатот Тони Менковски.
Власта и опозицијата со месеци не можат да се договорат околу статусот на Специјалното јавно обвинителство. Власта предлага СЈО да премине целосно во Обвинителството за организиран криминал со сите негови предмети, а опозицијата бара истражителите и обвинителите од СЈО да се вратат на претходните нивни работни места.