Нема настрадани Македонци во поплавите во Бугарија

Нема повредени Македонци во Бугарија. Семејството кое беше заглавено по поплавите во Варна е на сигурно откако вчера побарало помош во македонската амбасада во Бугарија.

Од МНР за Алфа информираат дека засега тоа се единствените граѓани од земјава кои се обратиле за помош по  големите поплави кои ја зафатија Бугарија.

Во меѓувреме тамошните власти ги бројат жртвите. Во Варна веќе е прогласена вонредна состојба, а локалните медиуми известуваат дека посебно е тешка состојбата во приморската населба Аспарухово. Дел од жртвите се токму од оваа населба, а материјалните штети се огромни. Бугарија ќе прогласи еднодневна жалост, а претседателот Плевнелиев ги посети настраданите региони. Европската унија најави голема помош за нејзината членка, а помош се подготвуваат да испратат и соседните земји

Премиерот Груевски уште синоќа ја понуди и македонската помош за настраданите подрачја во Бугарија. Штипскиот и пробиштипскиот градоначлник денеска најавија дека овие општини се спремни да испратат помош, но дали тоа ќе биде во пари, стручни екипи или друго зависи од одговорот кои го чекаат од бугарската амбасада во земјава, со која се во комуникација и коориднација.

Инаку, поради невремето од летувалиштето во Албена беа евакуирани над 1200 туристи од Германија, Русија, Велика Британија и други земји. Иако засега состојбата полека се стабилизира, метеоролозите за наредните денови најавија нови дождови.