Под мотото „Заштити, спречи, вакцинирај“ во Градскиот парк во Скопје, Министерството за здравство организираше забавно-едукативен настан, со што по 13. пат се вклучи во одбележување на Европската недела на имунизацијата.
Услов за запишување во градинка и во училиште ќе биде децата да бидат вакцинирани и се надеваме дека тоа ќе успееме да го спроведеме годинава од септември, бидејќи треба да се прилагоди и законската регулатива во Министерството за труд и социјална политика и во образование“, вели министерот за здравство Венко Филипче.
Тој рече дека покрај кампањата за подигање на јавната свест, најави и повеќе мерки. Превентивни тимови од 23 до 29 април за време на Европската недела на имунизацијата ќе одат на терен ќе ги проверуваат вакциналните картони и ќе бараат невакцинирани деца и лица за да бидат имунизирани. Министерството во годинешниот тендер за набавка на вакцини планира да вклучи и уште две вакцини, за рота вирус и за стрептокока, кои во редовниот календар за имунизација ќе влезат од следната година.
Преку овој настан здравствените власти се обидуваат да ја зголемат јавната свест дека вакцинацијата е најдобриот и најекономичниот начин за спречување на епидемии од заразни болести, а некои од нив со децении ги нема во нашата земја.
Согласно препораките од Светската здравствена организација (СЗО) за да имаме добар колективен имунитет, против заразните болести, од кои некои се и смртоносни, опфатот на вакцинирани треба да биде најмалку 95 отсто, а кај нас овој процент е 91 .
Според професорката Александра Грозданова, од Фармацевтскиот факултет, Македонија спаѓа во високо ризичните земји за појава на епидемии од смртоносни заразни болести. Некои од овие болести со децении се искоренети во Македонија, односно последниот случај на дифтерија е регистриран пред 40 години, а последниот случај на детска парализа пред 31 година.